Европскиот суд на правдата донесе пресуда со која се укинуваат ограничувањата со кои се соочуваат граѓаните на ЕУ при купување земјоделско земјиште во Бугарија.
Ваквата пресуда следи по повеќе од 17 години од приклучувањето на Бугарија кон ЕУ. Софија имаше обврска да ги укине овие ограничување најдоцна до 2014 година, но бугарскиот Парламент усвои измени на Законот за сопственост и користење на земјоделските површини, со кои овозможи стекнување сопственички права на земјоделско земјиште само за лица кои престојуваат во Бугарија повеќе од пет години.
Судот оцени дека оваа одредба е во спротивност со член 63 од Договорот за функционирање на Европската Унија, бидејќи „го ограничува слободното движење на капитал“. Дополнително, како што се наведува во пресудата, Договорот на ЕУ не дозволува земја членка да воведува вакви ограничувања.
Постапка за ова прашање прво покренаа австриски државјани кои живеат во Бугарија и кои сакаа да купат три ниви во близина на црноморскиот град Бургас. По препорака на ЕУ, Бугарија мораше да ги укине овие ограничувања најдоцна до 1 јануари 2014 година, но тоа не се случи со измените на Законот што ги иницираше Бугарската социјалистичка партија (БПС) и кои беа прифатени од Собранието во Софија.
Откако, Бугарија не ги исполни своите обврски, Европската комисија покрена постапка против земјата за ова прашање пред Судот на правдата, врз основа на која е донесена сегашната пресуда.