Регион

Србија: Власта и опозиција не постигнаа договор за изборните услови, до петок одлука за учество или бојкот

Во Собранието на Србија заврши средбата на која претставниците на власта и опозицијата разговараа за изборните услови, по што претседателката на Собранието Ана Брнабиќ изјави дека не е постигнат договор за изборни услови, додека коалицијата Србија против насилство најави дека во петок ќе донесе одлука за учество или бојкот на изборите во Белград на 2 јуни, јави дописникот на МИА од Белград.

Србија: Власта и опозиција не постигнаа договор за изборните услови, до петок одлука за учество или бојкот

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека не е постигнат договор меѓу власта и опозицијата за изборните услови, бидејќи се било сведено на дискусии за датуми за изборите.

– Разговаравме малку повеќе за изборните услови, но на крајот ултимативно беше поставен како услов датумот. Не избирачкиот список, не условите за избори, рече таа на прес-конференцијата по разговорите со дел од опозицијата.

Што се однесува до изборите во Белград, Брнабиќ рече дека тие ќе се одржат кога им е законски рок, на 2 јуни.

-Во однос на конструктивноста, размената на аргументи и мислења, оваа средба е апсолутно најдобрата досега. Имавме многу добра средба и дијалог што ќе го направи горд секој парламент во светот, изјави таа.

По денешните неуспешни консултации коалицијата Србија против насилство во петок ќе донесе одлука дали ќе излезе или ќе ги бојкотира изборите во Белград на 2 јуни, најави шефот на пратеничката група на Партијата за слобода и правда (ССП) , Мариника Тепиќ.

Таа на прес-конференцијата по разговорите рече дека и денеска не мрднале подалеку од почетокот и дека сите останале на своите позиции.

Шефот на пратеничката група на Србија Центар, Здравко Понош, оцени дека нема повеќе време значително да се променат изборните услови.

-Власта одлучи да оди на избори во Белград со нас или без нас. Сакаат да зборуваме за изборни услови за некои други избори, но ние не сме подготвени за тоа, рече Понош.

To top