Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени денеска дека машката шаховска репрезентација постигнала огромен успех со освојувањето на златниот медал на неодамнешното Европско првенство и најави тројно зголемување на буџетот за шаховската Федерација на оваа земја.
Наведувајќи дека сегашниот буџет изнесува околу 135.000 евра, Вучиќ рече дека е договорено негово зголемување за три пати и додаде оти ќе почнат разговори со шаховската Федерација за враќање на шахот во училиштата.
„Многу ви благодарам што се тука. Сервантес рекол дека човечкиот живот е партија шах, а Михаил Ботвиник дека шахот е наука. Нашиот Светозар Глигориќ рече дека шахот е борба со самиот себеси. Ние со децении игравме шах, а никогаш немаме остварено успех каков што постигна оваа фантастична генерација“, рече Вучиќ на приемот на српските шахисти во претседателскиот кабинет во Белград.
Вучиќ рече дека шаховскиот свет е посебен свет и оцени дека угледот на Србија драматично пораснал по освојувањето на златниот медал на Европското екипно првенство во машка конкуренција, кое минатата недела се одржа во Будва. (МИА)