Од раните утрински часови во периметарот на пожарот регистрирани се над 40 разгорувања, истакна портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, информирајќи за пожарот во североисточниот дел на областа Атика, а поради брзото ширење на огнените јазици со нови пораки од бројот 112, испратени во период од еден час, беше побарана евакуација на шест населби во северниот дел на Атина, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот е активен веќе 24 часа, постојат континуирани разгорувања на различни локации, а Ватракојанис истакна дека многу силниот ветер што достигнува и до седум Бофори го отежнуваат гаснењето.
Тој објасни дека од почетокот на пожарот испратени се вкупно 26 пораки од бројот 112 за евакуација на граѓани и посочи дека во гаснењето интервенираат 685 пожарникари со 27 пешадиски тима и 190 возила, како и голем број волонтери, а од воздух гаснењето е со 33 средства, односно 16 авиони и 17 хеликоптери.
За помош на граѓаните, како што истакна портпаролот на противпожарната служба, од вчера возила на итната помош се распоредени во околината каде што е пожарот, три болници се во состојба на зголемена готовност, а досега било потребно да им се пружи прва помош на 13 лица кои имале полесни респираторни проблеми, како и на двајца пожарникари од кои едниот се здобил со полесни изгореници на рацете.
Со оглед на тоа што пристаништето Рафина, едно од трите пристаништа во областа Атика е во непосредна близина на пожарот, со наредба на министерот за поморство и островска политика на Грција Христос Стилианидис сите бродови што денеска требаше да пристигнат или да отпловат од конкретното пристаниште, пренасочени се кон соседното во Лаврио.
Чадот од пожарот, поради силниот ветер брзо се шири и според податоците од Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, се простира во должина од над 300 километри.