Земјоделците од северна Грција можно е вечерва кусо да го блокираат протокот на камиони на граничниот премин Евзони (Богородица), за да го изразат нивното незадоволство од владините мерки кои се одговор на нивните барања, јави дописничката на МИА од Атина.
Официјално не е познато во кој период би била блокада и колку би траела, а не е исклучена можноста, симболично и кусо целосно да биде блокиран сообраќајот и на автомобили.
Земјоделците од конкретниот регион вчера стигнаа на граничниот премин кон Северна Македонија, каде што ги паркираа тракторите, а нивниот претставник Томас Карипидис за порталот „Идисис“ од Килкис најави неколкучасовно симболично затворање на границата за влез на камиони во Грција.
Земјоделците од Лерин, во моментите додека беше во тек средбата на грчкиот премиер со нивните претставници, од 12 до 16 часот по локално време поставија блокади на граничниот премин Ники (Меџитлија) за сите камиони, а во првиот час од блокадата не поминуваа ниту автомобили.
Земјоделците од цела Грција вечерва или најдоцна до утре ќе одлучат кои ќе бидат нивните следни чекори по денешната средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
По двочасовните разговори, претставниците на земјоделците истакнаа дека не биле исполнети сите нивни барања и не е исклучена можноста дополнително да ги засилат протестите и блокадите.