Илјадници ученици, студенти и просветни работници, денеска одржаа нови масовни протести во Атина и во низа други грчки градови против одлуката на Владата за отворање на приватни факултети, јави дописничката на МИА од Атина.
Протестите во Атина завршија мирно, без инциденти, а учениците уште еднаш испратија порака дека високото образование мора да остане државно и бесплатно.
„Нема неправдата да стане закон“; „Дипломи кои вредат, исклучиво од државните универзитети“; „Во право сме, нема да се откажеме“; „Не, за приватни факултети, дајте пари за модерни, јавно и бесплатно студирање“, беа само дел од слоганите на денешниот масовен собир, кој и овој пат беше под силно полициско присуство.
Ова е трет протест на студентите, учениците и просветните работници во изминатите три седмици, со оглед на тоа дека од средината на месецов, протестираат секој четврток, а велат дека ќе нема да се откажат од нивното барање Владата да ја повлече одлуката за приватните факултети и ќе продолжат со демонстрациите.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, минатиот месец соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции, истакнувајќи дека станува збор за историска реформа во образованието.
Владиниот портпарол Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека до крајот на февруари ќе биде изгласан конкретниот предлог-законот, а за протестите рече дека е многу мал дел од општеството и „реагираат само затоа што реагираат на сè“.