Регион надворешна политика базирана на принципи

Герапетритис: Грција има водечка улога на Западен Балкан

Во случајот со Западен Балкан, Грција беше таа што го забрза процесот, пред 20 години во Солун и продолжува да има водечка улога, рече шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во неговиот говор во Парламентот на расправата за буџетот за следната година, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис: Грција има водечка улога на Западен Балкан

Герапетритис за грчката надворешна политика кажа дека се базира на конкретни принципи, на меѓународното право, на солидарноста, демократијата и дијалогот, принципи кои се спроведуваат на ист начин во сите случаи, а се осврна и на Западен Балкан.

-Важно е да можеме да дадеме политичка насока за безбедност, просперитет и пред сè перспектива на народите од Западен Балкан за да се интегрираат во европското семејство врз основа на принципите и вредностите на Европската унија, истакна министерот за надворешни работи на Грција.

Посебно се осврна на Албанија и случајот со притворениот градоначалник на Химара Фреди Белерис, посочувајќи дека „продолжува да биде пречка на европскиот пат“ и повтори дека не станува збор за билатерално прашање, туку прашање што се однесува на „владеењето на правото, заштитата на политичките права и меѓународната заштита на малцинствата“.

-Во секој случај, она што важи е дека европскиот пат на Албанија поминува преку преземањето на функцијата на Фреди Белерис, со што ќе се спроведе европското законодавство, но истовремено ќе се спроведе и политичката волја на граѓаните на Химара, објасни Герапетритс.

За односите со Турција истакна дека е потребно да постојат добрососедски односи, а како што рече, историската Декларација, потпишана пред десет дена во Атина „ја означува новата ера во која се префрлаат односите меѓу Грција и Турција“.

Се осврна и на економската дипломатија и енергетиката посочувајќи дека „во последните години Грција стана енергетски центар“, додаде дека ја заштитуваат енергетската безбедност со диверзификација на изворите на природен гас по војната во Украина, а во исто време им помагаат и на соседите.

-Постигнавме независност преку ТАП и Азербејџан. За природниот гас, значително и помогнавме на Бугарија. Кога прекинувачот беше исклучен од Русија, го лансиравме гасоводот ИГБ. Испраќаме гас во Молдавија. Секако го имаме терминалот за течен природен гас во Александруполи. Градиме гасовод кон Северна Македонија, ги прошируваме гасоводите ТАП и ИГБ, а од другата страна во електричната енергија имаме нова интерконекција со Бугарија и разгледуваме продолжување на линијата со Италија и нова линија со Турција. Ја менуваме енергетската карта на регионот, Грција е во фокусот, истакна шефот на грчката дипломатија.

To top