Франција, Чешка и Италија позитивно одговориле на барањето на Грција за помош за гаснењето на пожарите во областа Атика, упатено преку Европскиот механизам за цивилна заштита, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, барањето било за помош со воздушни и копнени средства, по што Франција ќе испрати хеликоптер од типот Супер Пума со кофа и се очекува да пристигне вечерва, од Италија утре наутро се очекува да пристигнат два противпожарни авиони Канадер, додека пак Чешка испраќа 75 пожарникари и 25 возила, од кои девет се цистерни.
Дополнително, се очекува и финализирање на помошта од Шпанија и Турција.
Ситуацијата со пожарот во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина и понатаму е критична, а огнените јазици кои брзо се шират поради ветерот, сè уште не се ставени под контрола. (МИА)