Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа” (Друштво Преспа), како најстара македонска организација во Албанија формирана во 1991 година, ги отфрла прелиминарните пописни резултати во Албанија од минатогодишниот попис одржан од 18 септември до 30 октомври па продолжен до 16 ноември, за бројот на Македонците и “Бугарите“ и ги смета за груб пописен фалсификат!, реагираат преку соопштение од “Друштво Преспа”.
Друштво Преспа изразува загриженост од објавата на Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) дека во Албанија живеат 2.281 “Северномакедонци”, иако на пописот во 2011 година биле регистрирани (ни тогаш прифатливи) 5.512 Македонци. Потсетуваме дека не станува збор за доселеници во Албанија од државата “Северна Македонија” која во спротивност со меѓународното право под тоа име постои од 11 јануари 2019 година според Договорот Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, туку за домородно македонско население кое со векови живее во свои домови и на своја автохтона територија!
Друштво Преспа за груб пописен фалсификат ја смета објавената бројка од 7.957 “Бугари” во Албанија, повеќе од пописот во Македонија во 2021 година – 3.504.
Друштво Преспа и натаму тврди: Во Албанија “етнички Бугари“ нема, во ниту еден попис од 1912 до 2023 година не постои макар еден “Бугарин” на целата територија на Албанија!
Друштво Преспа протестира пред Претседателот, Собранието и Владата на Албанија, бидејќи подлегнаа на бугарските закани за пристапувањето на Албанија во Европската Унија, доколку Тирана не впиши “Бугари” во Законот за националните малцинства и доколку не декларира “Бугари” на последниот попис на населението.
Друштво Преспа упатува остри критики кон општинската управа на Пустец, чиј градоначалник во последниот и актуелниот мандат беше сервилен кон бугарската пропаганда и бројни посети на бугарски претставници со материјална помош за општината Пустец, иако се знаеше дека тоа Софија го прави само за да ги прикаже Македонците за Бугари во Албанија.
Друштво Преспа за несоодветна ја смета реакцијата и на единствената Македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, која како дел од коалицијата на општинската власт, за повеќето настани со “Бугарите”, партиципира со свои вработени во општинската администрација и советници во Советот на општината Пустец: Имено, не го одвратија градоначалникот од прием на гости од бугарската амбасада во Тирана, бугарската фондација “Бугарска памет“ и владата во Софија и прифаќањето на материјална помош за општината, иако се знаеше дека тоа Бугарија го прави за да покаже пред светот дека Македонците во Пустец се “Бугари”.
Друштво Преспа бара Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се “Бугари по потекло”.
Друштво Преспа најавува дека ќе организира неформален попис на Македонците во Албанија, како што тоа од поодамна го стори Грчката заедница во Албанија.
Друштво Преспа бара Македонската Влада да протестира поради фалсификуваниот попис во Албанија, отфрлен дури и од албанската опозиција и да превземе конкретни мерки според уставната грижа за Македонците во соседните држави на државата Македонија!
Друштво Преспа бара одговорност од Владата на Албанија, затоа што овозможи бугарската амбасада во Тирана и бугарската влада во Софија грубо да се мешаат во внатрешните работи на Албанија за време на одржувањето на пописот со поткуп и делење бугарски пасоши во населените места каде живеат Македонци во Албанија!, велат од организацијата на Македонците во Албанија.