Големиот број злоупотреби во сферата на социјалната заштита ќе станат минато.
Дека веќе забрзано се работи на тоа, открива заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски за КУРИР. Сега се градат политики врз основа на реалните потреби и можности кои ги има и државата, меѓутоа и потребите на самите корисници на социјални права и услуги во Македонија.
И премиерот Христијан Мицкоски неодамна на прес-конференција најави две реформи во сферата на социјалната заштита. Едната, рече, ќе биде изготвување софтверско решение кое јасно ќе детектира кои корисници на социјална помош го злоупотребуваат системот, а втората е издавање платежна картичка со која 50 отсто од сумата приматели на социјална помош ќе ја користат за купување македонски производи.
Сегашниот заменик-министер, како министер во техничката влада објави скандал за злоупотребите.
Во техничката влада објавивте скандал со исплатата на социјалната помош. Дали некој од Обвинителството до сега реагираше по допрен глас или побараа документи за овој случај?
-Во рамките на техничката влада имавме една ситуација, која што значеше откривање на исплати во делот на социјалните права, односно социјалната помош, или позната како гарантирана минимална помош, каде што за сметка на тоа што го прекршиле Законот, имале возила во своите домаќинства, а примале социјална помош, согласно Законот тоа не е дозволено. Тоа го откривме како состојба тука во министерството, веднаш реагирав тогаш како технички министер за да спречиме злоупотреба. Во тој момент на 1.200 корисници беа запрени исплатите, а од тој момент до денеска ниту една од институциите кои се надлежни, а јас имав сигурно повеќе од дестина повици каде што ги повикував најдиректно да дојдат превземат нешто за целата состојба, бидејќи ние детектиравме состојба која не е согласно Законот, а има институции кои треба да постапуваат за да ги откријат сите елементи како дошло до нарушување на ваквиот систем.
Денеска веќе 638 од овие 1200 веќе се склучени спогодби, дел од средствата се враќаат во буџетот на министерството, бидејќи биле исплатени како неосновани и така се третираат. Постигнат беше ефектот на тоа што беше направено како злоупотреба години и години наназад во системот за социјална заштита. Ја исправивме таа неправда, покажавме дека може да се контролира системот кој е направен токму од нас како институција, да не биде злоупотребуван, да денеска имаме систем буквално кој е функционален и кој сите вработени во рамките на министерството и на Центарот за социјална работа максимално можат да се потпрат на него и да можат да функционираат најдобро и најпрцизно по однос на оние законски регулативи кои ги имаме како министерство, потенцира Велковски за КУРИР.
Дали во иднина ќе преземете нешто дополнително за да се спречат ваквите злоупотреби?
-Работиме забрзано на еден проект кој што ќе значи на постоечкиот систем кој го имаме сега во министерството, каде ја имаме целата база на податоци по однос на сите приматели на правата кои ги опфаќа министерството- систем кој ќе ги поврзе сите податоци кои ни се потребни во едно домаќинство, односно денес имате домаќинство кое се примателни на пример на социјална помош, примаат и други права меѓутоа и други услови кои ние ги даваме, но тоа до сега како систем одеше поединечно и различно и не постоеше можност во големите центри, односно општини во Македонија да се направи селекција кој какво право и услуга користи од системот за социјална заштита. Тоа ќе го промениме и веќе сме во фаза на внесување на сите податоци во една база на сите права и услуги заедно и ќе имаме една слика на секое домаќинство. Со тоа ќе можеме да направиме едни идни политики кои до сега не беше возможно да се направат. До оваа 2024 година се градеа политики по принцип на тоа што еден министер или една Влада сака или не сака да го направи, сега веќе ќе се градат политики врз основа на реалните потреби и можности кои ги има и државата, меѓутоа и потребите на самите корисници на социјални права и услуги во Македонија.
Сето ова го правиме за да го подобриме квалитетот на живот на овие луѓе и да им дадеме можност, бидејќи тие се секако во социјален ризик, се домаќинства кои навистина имаат потреба од наша поддршка како држава, меѓутоа мора да им овозможиме на овие луѓе да искочат токму од оваа рамка- тоа сакаме да го направиме и со овој систем кој што го подобруваме, каде што ќе нема никаква можност за злоупотреба, бидејќи тука ќе бидат споени сите податоци од УЈП, од МВР, Фонд за здравство и слично. Со внесување на матичен број на корисник од домаќинството ќе извади комплетна лична карта за сите и ќе се знае во ист момент дали на тоа семејство може да му се даде одредена услуга. Забрзано работиме и се надевам дека на почеткот на следната година ќе имаме можност и да го испромовираме и да ги запознаеме сите со ова што ќе го постигнеме како ефект, истакнува Велковски.
Премиерот Мицкоски, исто така потенцираше дека досега се евидентирани голем број злоупотреби. Некои лица примале социјална помош и до 60.000 денари месечно.
-Некои корисници примале помош до 60.000 денари, некои се починати, некои долго се отсутни од државата. Има големи злоупотреби во центрите и од службеници. Дел се веќе и санкционирани, против дел се покренати кривични постапки, истакна Мицкоски, додавајќи дека на софверското решение се работи со Светска банка.