Повеќе од две недели откако премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница откри дека како лидер на опозиција бил физички го следен. Предмет на следење од страна на незбедносните служби биле, не само тој, туку и неговиот малолетен син и сопругата.
Заспаното обвинителство, како што го нарекуваат безбедносните експерти, се уште не излегло во јавноста со информации за овој случај, иако пред крајот на минатата година кусо соопштија дека предметот е даден на постапување. Јавноста го стега обрачот околу Обвинителството и бара конкретни информации и разврска за наводите на Мицкоски.
-Јавниот обвинител на Македонија согласно своите законски овластувања веќе има оформен предмет по допрен глас врз основа на вчерашната изјава на Претседателот на Владата на РМ, кој на седница за пратенички прашања во Собранието на РМ изјави дека бил незаконито следен од безбедносни служби во текот на 2020 година. Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите. Имајќи предвид дека се работи за сензитивен карактер на пласираната информација, обвинителството ќе ги преземе сите неопходни активности преку надлежни органи за да ги испита својствата на можни инволвирани лица и евентуалните инкриминирани дејствија, беше кусиот став од ЈО на 27 декември.
Безбедносниот експерт и поранешен министер за внатрешни работи, Наќе Чулев смета дека имало сериозни злоупотреби во безбедносно-разузнавачкиот систем, за време на претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ.
-Безбедносно-разузнавачките институции не се реформирани, а во нивните рамки се направени сериозни злоупотреби кои мора да бидат предмет на истрага од страна на Јавното обвинителство. Овие злоупотреби се потврда за користење на институциите за следење и негативно етикетирање на личности, како и за обиди за спречување на промена на власта. Во контекст на наводите објавени од премиерот Христијан Мицкоски за фабрикувани конструкции за пара-полициски вооружени формации, јавно го повикувам Обвинителството да истражи зошто ваквите информации не беа доставени до МВР, иако тоа експлицитно го побаравме во неколку наврати. Имено, по преземањето на функцијата технички министер, побарав писмено, но и во рамки на работен состанок, од надлежните институции да достават информации за потенцијални безбедносни ризици во пресрет на одржување на изборите. Вакви информации, до мене, МВР, но и до владата и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во тој период воопшто не беа доставени.
Тука се поставува јавно прашањето: доколку институциите располагале со такви информации за сериозни безбедносни закани, зошто истите не беа доставени до надлежните институции во исклучително сензитивниот предизборен период и покрај тоа што истото во неколку наврати беше побарано од моја страна? Неопходно е јавното обвинителство да отпочне активности за решавање на овие отворени прашања и утврдување на сите инволвирани лица и незаконски дејствија, пишува Чулев.
Универзитетскиот професор Воислав Зафировски во емисијата „За или против“ вели дека во институциите во државата има инсталации од претходната политичка гарнитура.
-Тие работат на штета на граѓаните на Македонија затоа што се дел од приказната на корупција, се дел од списокот кој месечно се наградуваат од страна на овие луѓе. Кога и да се покренеше акцијата против Груби и останатите, и оние кои допрва ќе се покренуваат, ќе видите дека ќе има обиди навреме да се известат, навреме да се евакуираат. За жал, со години наназад се злоупотребуваат државните ресурси посебно опремата и средствата со кои располагаат разузнавачките служби за работи кои не им се надлежност, вели Зафировски.
Тој смета дека еднаш засекогаш и тука треба да се стави точка.
-Јавното обвинителство сака или не сака, ќе мора да се обрати на вистинските адреси и да ги побара документите, записите и случајот да го отвори и за јавноста. Затоа што ако се заташка една ваква крупна работа, една сериозна злоупотреба на државните ресурси, едно сериозно злоупотребување на институциите во државата за некакви партиски цели, тогаш оставаме во наследство една многу грда слика за Македонија, особено за безбедносните струкури на кои треба државата да се потпира и да знае дека тие се ангажирани за интересите на граѓаните и заштита на поредокот на државата, смета Зафировски.
За потсетување, Мицкоски изјави дека тогашните безбедносни служби го назначиле како финансиер, нарачател и организатор на параполициска воена формација и физички го следеле.