Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека во периодот кога на власт беше СДСМ, процесот на регулирање и издавање лиценци за одгледување канабис за медицински цели бил злоупотребен и спроведуван спротивно на законските прописи.
Според партијата, поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче во 2020 година планирале целосна легализација на канабисот, со цел, како што тврдат, „енормна заработка од бизнисот со марихуана“. Откако таа иницијатива не добила поддршка, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека лиценците за одгледување медицински канабис биле доделувани на лица блиски до тогашното раководство на СДСМ, додека други заинтересирани компании немале еднаква можност да добијат дозвола.
Од партијата посочуваат дека Струмичкиот регион во тој период се претворил во центар за производство на канабис за медицински цели, што, според нив, отвора сомнежи за фаворизирање при издавањето лиценци.
Како дополнителен аргумент, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека во време на СДСМ бил донесен подзаконски акт – правилник за одгледување канабис за медицински цели – кој, според нив, бил во колизија со законот. Тие тврдат дека со правилникот било дозволено производство на цвет од канабис кој не ги исполнува ГМП (Good Manufacturing Practice) стандардите, што, како што наведуваат, може да влијае врз законитоста на понатамошната обработка и промет.
Партијата оценува дека ваквите наводни недоследности отвораат сомнежи за можни криминални мотиви и побара Јавното обвинителство да покрене постапка и да ги испита сите околности поврзани со процесот.
ВМРО-ДПМНЕ порача дека, според нив, „ниеден привилегиран апликант и ниеден незаконски процес не смее да остане без одговорност“, повикувајќи на институционална разрешница на случајот.