Македонија Интервју за Телма

Тошковски: Пунктот „Пролет“ ќе работи во две смени, а капацитетот за фотографирање се зголемува шест пати

Според него поради лошото планирање во делот на набавувањето на обрасците и лошото менаџирање на целиот процес на испорака, доведе до тоа да бидат порачани само 1.750.000.

Тошковски: Пунктот „Пролет“ ќе работи во две смени, а капацитетот за фотографирање се зголемува шест пати

Во интервју за Телма, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека доцна синоќа е завршена ревизијата на нефункционалните закажани термини за фотографирање за лични документи.

“165.000 граѓани во Скопје имаат закажано термин за вадење на лични документи, кој што број вчера во неделата мојот тим со луѓето вработени во рамките на МВР констатираа дека е неточен. Односно голем дел од предметните закажувања се, така да кажам, фиктивни, голем дел од предметните закажувања не се споредени со оние коишто се предомислиле од редовна да влезат во итна постапка, или пак поминале да се сликаат во рамките на пунктот Пролет, кадешто нели беше прв дојден прв услужен, хаотично нели, ама така функционираше. Така да оваа бројка сама по себе. Откога направивме првично споредување на податоците ќе падне за отприлика некаде околу 20 отсто. Тоа значи дека отприлика некаде околу 30.000 телефонски закажувања се непотребни, односно несуштински и го оптеретуваат системот, и нереално наместо граѓаните да закажат во август – септември, закажувале во ноември – декември”, рече Тошковски.

Тој исто така додаде дека пунктовите, како тој во полициската станица Пролет, се популистички мерки кои се многу слабо менаџирани. Најави дека во следниот период ќе се воведе двосменско работење за да им се излезе пресрет на граѓаните.

“Од среда пунктот Пролет го враќаме во целост во системот на нормалност и системот на правилно функционирање на оваа постапка во рамките на министерството. Што значи тоа? Тоа значи наместо популистички методи, јако најавувани, кои што катастрофално се менаџирани, со четворица луѓе кои фотографираат на 10 базни станици, од среда предметниот пункт ќе функционира со 14 базни станици, со 14 фотографи, луѓе, полицајци вработени во МВР, коишто доброволно се ангажираа да ѝ помогнат на Македонија, и од срце им благодарам за тоа, и ќе бидат соодветно во рамките на закон наградени за тоа, достојно а не како до сега праќани под казна. Од понеделник, овој што иде, воведување и втора смена, каде што уште 14 доброволци од МВР ќе бидат ангажирани дополнително. Тоа значи дека капацитетот од 4 базни станици кои фотографираат и обезбедуваат постапну издавање на лични документи ние ќе го зголемиме фактички на 28 во еден ден”, рече Тошковски.

Според него поради лошото планирање во делот на набавувањето на обрасците и лошото менаџирање на целиот процес на испорака, доведе до тоа да бидат порачани само 1.750.000.

“Грешката е направена од сам старт, не нарачале доволен број на пасоши, и согласно договорот којшто го потпишале, не можам сега јас да го обвинам доставувачот, односно производителот, заради тоа што дале рок кој што е надвор од памет, во делот на испораката. Лоша е динамиката”, дециден е Тошковски кој посочи дека преговараат со доставувачите да испорачаат колку што можат повеќе обрасци во колку што можат пократок рок.

To top