Македонија ВАЖНИ СОВЕТИ

Совети од дефектолог Петрушева: Родители, одвојте време и користете го секој момент за игра со вашето дете!

Кога и во кој случај родителите треба да се обратат кај дефектолог и што значи препорака за дефектолошки третман?

Совети од дефектолог Петрушева: Родители, одвојте време и користете го секој момент за игра со вашето дете!

КУРИР разговараше со дефектолог Теа Петрушева, специјален едукатор и рехабилитатор. Од неа побаравме одговори на прашања кои мачат многу родители.

Кусото интервју со Петрушева е полно со значајни совети за родителите во однос на психофизичкиот развој кај децата и мерките кои тие треба да ги преземат.

Што подразбира ран развој?

-Раниот развој е развојниот период од раѓањето па се до третата година од животот на детето, а воедно е и период во кој што детето психофизички најмногу се развива. Во оваа развојна фаза се јавува интензивен и бурен развој на когнитивни, емоционални, социјални и моторички вештини кои се основа и предуслов за понатамошниот развој на детето. Затоа во овој период на детето му е неопходна стимулација и посветеност пред се од страна на родителите и непосредната околина, како и интеракција и игра со деца на негова возраст. Децата учат преку игра и пример кој го гледаат од лицата со кои се опкружени. Играта претставува природен и најлесен облик на учење која е доброволна активност на детето, а родителите и блиските ги доживува како партнери и поддршка во неговата игра. Затоа е најважна стимулацијата преку игра од најрана возраст од страна на родителите за оптимален и правилен развој на секое дете и преку неа се стекнуваат сите основни вештини кои се предуслов за понатамошен успех. Родители, одвојте време и користете го секој момент за игра со вашето дете, вели дефектологот.

Што претставува раната интервенција и зошто е толку важна?

-Рана интервенција значи дека што порано треба да се започне со стимулација на развојот кај децата, а има за цел да го поттикне сензомоторниот, емоционалниот и интелектуалниот развој на детето за успешно и самостојно да се вклучи во социјалната средина. Првите три до пет години од животот на детето се клучни за неговиот развој. Во овој период мозокот има исклучителна способност да се менува и прилагодува во однос на стимулациите и искуствата. За жал, се почесто забележуваме дека во овој клучен период недостасува соодветна стимулација кај децата. Тие доцнат во развојот и говорот кљко резултат на оскудните средински искуства, слабата моторна активност, недоволната комуникација и интеракција со нив како и прекумерната изложеност на екрани, истакна таа во изјава за КУРИР.

Кога и во кој случај родителите треба да се обратат кај дефектолог и што значи препорака за дефектолошки третман?

– Доколку постои било какво доцнење во развојот важно е истото навремено да се открие. Дефектологот односно Специјалниот едукатор и рехабилитатор како стручно лице се бави со стимулација и поддршка на развојните функции кај деца со типичен и атипичен развој. Преку соодветен третман се стреми да го постигне максимумот во потенцијалот на развој на секое дете, независно дали се работи за моторика, говорен развој, внимание и концентрација, социјална интеракција и комјникација, бихејвиорални потешкотии итн. Многу родители се запрашуваат дали и кога треба да се консултираат со дефектолог. Доколку си го поставуваат ова прашање најверојатно постои одредена причина, па дури и да е тоа некоја краткотрајна потешкотија со која се соочуваат. При консултацијата дефектологот прави опсервација и тестирање преку кои родителите се информираат дали е се во ред или има одредена потешкотија кај нивното дете. Секогаш е подобро родителите при било каква загриженост за развојот на своето дете да се обратат кај дефектолог, па дури и да добијат одговор дека сè е во ред.

Додека, многу е полоша поинаквата ситуација каде што детето навистина има потреба од дефектолошки третман, а тоа не е навремено согледано. Кај дефектолог треба да се обратите доколку забележите дека детето доцни во развојот наспрема своите врсници, доцни во развојот на грубата и фината моторика, неправилно држи молив и има потешкотии со графомоторика, има мал фонд на зборови, не препознава поими, не ја знае функцијата на предметите, доцни со говорниот развој и комуникација, не поврзува два збора за да формира проста реченица, има краткотрајно внимание, бихејвиорални потешкотии, нема показен гест, нема контакт со очи, не се врти на своето име и на звуци, преосетливо е на дразби, не покажува интерес за околината, не извршува едноставни налози, не знае да игра со играчки, не си игра со други деца, опсесивно реди играчки и предмети.

Најнови вести од Македонија

To top