Секогаш треба да се биде чесен, за се и кон секого!
За чесност е неопходна совест. Совеста е чиста морална свест, сознание на човекот за себе, за луѓето и нештата што го опкружуваат. Таа е етичка мера на личното постапување. Метафорично кажано совеста е внатрешен судија за личните морални идеи и дела на човекот. Големиот мислител и филозоф Сократ е “татко на совеста”. Според Сократ, совеста е етичка сила во човекот која решава за најважните прашања на етиката и му го покажува на човекот правиот пат во животот. Човекот треба да ја консултира својата совест, секогаш кога треба да донесе тешки решенија. Совеста е тој краен збор на етиката во нас, кој не спречува да правиме зло, и кој не прекорува кога не правиме добро.
Затоа совеста е вистински внатрешен судија, кој кога не постапуваме добро, прави да се јадиме во себе (“Гризење на совеста”), а кога правиме добри работи, прави да сме мирни (“Мирна совест”). Најдобар опис на совеста и на нејзиното влијание врз човекот има дадено германскиот филозоф Јохан Готлиб Фихте. Тој дава дефиниција за гласот на совеста. При тоа вели: “Гласот на мојата совест во секоја посебна прилика на моето постоење ми заповеда што треба определено да сторам во таа ситуација, а што во неа треба да го избегнувам. Само ако го слушам внимателно, тој глас ме придружува во сите настани во мојот живот и никогаш не ми го откажува своето учество кога треба да дејствувам. Тој непосредно го изложува својот став и безотпорно ја поттикнува мојата согласност – јас немам сила да му противречам. Да го слушам тој глас, чесно и непристрасно да му се покорувам – тоа е мојата единствена позиција, тоа е крајната цел на моето постоење. Тогаш мојот живот престанува да биде празна игра, без вистина и без значење. Нешто треба да се случи, и тоа токму тогаш зашто мојата совест го бара тоа од мене, а јас сум дошол во таква ситуација што совеста наложува да го сторам тоа. Јас постојам само за тоа – имам разум да го сознаам тоа, имам сила да го направам тоа”. Во овој контекст највпечатливата мисла за совеста ја изрекол Јохан Волфганг Гете: “Никогаш нема да скршнeш од правиот пат ако постапуваш според чувството и совеста”.
Што е работна етика?
Работна етика е учење за разликување што е правилно, а што е неправилно во начинот на кој се одвива работењето, односно учење за тоа кое однесување во работната околина е етично. Исто така, тоа е учење, што е добро, а што е лошо во меѓусебните односи на вработените во една организација/институција, помеѓу нив и управата и помеѓу организацијата и останатите учесници во ланецот на создавање на додадени вредности.
Работната етика одредува морални и етички принципи на работење и обрасци на соодветно и посакувано однесување во фирми, организации и институции. Со моралните принципи во работењето се нагласуваат приоритетите на моралните вредности, кон кои треба да се придржуваат луѓето што одлучуваат за стратегиите и тактиките на дејствување на организациите. Само јавно обзнанети морални принципи и приоритетни вредности, даваат гаранција за однесување во согласност со истите.
Кои се бенефитите од работната етика?
Кога е во прашање етиката, најбитна наша задача е запознавање и прифаќање на сите основни морални вредности, според кои се усогласува однесувањето во работата и животот воопшто.
Тоа е така бидејќи етиката:
Ги насочува поединците, групите и општеството во целост кон усвоените општествени вредности и идеали, кои вообичаено се наведени во Уставот на државата, односно во Кодексот за однесување на фирмата, организацијата или институцијата(Принцип на почитување на уставот и законите – принцип на законие, што значи владеење на правото, т.е. владеење на законите);
Ги учи поединците, групите и општеството во целина на норми и посакувани обрасци на однесување, на т.н “општествен карактер”, како посакуван профил на однесување на човекот на определен простор и во конкретно време(Принцип на моралност и етичност, кој го исцртува најисправниот пат кон нашите цели);
Ги прилагодува луѓето и општеството на промените до кои се доаѓа за време на развојот(Принцип на промени, кои се неопходни и трајни.);
Ги интегрира, здружува поединците и групите во конкретна општествена заедница во која тие живеат и работат(Тоа е тој возвишен принцип на интегративност на светската демократија, според кој сите во заедницата учествуваат, работат, творат, создаваат, допринесуваат, и се задоволни, среќни и исполнети.).
(продолжува)
Сотир Костов