Македонија

РЕЗУЛТАТ ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР: На полноќ истекува рокот за валидноста на исправите и документите за меѓународна употреба

На полноќ истекува преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот на брифинг за медиуми кажа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.

РЕЗУЛТАТ ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР: На полноќ истекува рокот за валидноста на исправите и документите за меѓународна употреба

Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот.

МВР вчера соопшти дека од 13 февруари годинава важат само пасошите и возачките дозволи со новото име. Личните карти, ќе важат и по 13 февруари, и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава.

-Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа. За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти, стпо во соопштението од МВР.

Според техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, ако има политичка волја за еден ден ќе се реши проблемот со личните документи. Решението, според Тошковски, е измени на два закона, за лични документи и за безбедност во сообраќајот.

-Спремно ми е. Едниот Предлог на закон за измени на Закон за патни исправи на државјаните, еве го спремен е. Еве го другиот. Предлог на закон за изменување на Закон за безбедност во сообраќајот и патиштата. Еве ги спремни се, за еден ден. Решение има, само треба да имаат политичка волја, изјави вчеравечер Тошковски во интервју на телевизија Канал 5.

Претседателот на државата Стево Пендаровски по повод важноста на граѓански документи по 12 февруари 2024 година, вели дека е неприфатливо македонските граѓани кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот.

– Барам од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи кои учествуваат во сообраќајот на територијата на државата, а чиј рок на важење не е истечен сметано од нивното издавање. Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка дозвола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на нивниот рок на важност сметано од издавањето, особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава, порача вчера Пендаровски.

Во саботата, преку циркуларно писмо испратено до сите грчки Министерства, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, „потсетува дека на 12 февруари 2024 година истекува петгодишниот „технички“ преоден период предвиден во член 1, став 10 од Договорот од Преспа“ во однос на и документите за меѓународна употреба на Северна Македонија.

Грчки извори за дописничката на МИА од Атина потврдуваат дека циркуларот е испратен до сите грчки Министерства и објаснуваат дека станува збор за информативен, внатрешен допис што има за цел да ги потсети дека важноста на документите со старото име е до 12 февруари.

-Од 13 февруари 2024, сите официјални документи и материјали на Северна Македонија за меѓународна употреба, односно пасоши, лични карти, возачки дозволи, документи за патнички и товарен транспорт, регистарски таблички, потврди итн., ќе треба да ја имаат само терминологијата од член 1 (3) од Договорот од Преспа. Во спротивно, нема да бидат прифатени од грчките власти, пишува во циркуларното писмо што го објави порталот „ТВ Без граници“.

Шефот на грчката дипломатија посочува дека регистарските таблички на возилата треба да ја имаат ознаката „NMK“ или „NM“.

До сите 19 министерства апелира да ги преземат сите потребни дејствија за да ги информираат Секретаријатите, Директоратите и службите, како и управите, организациите и сл. под нивна надлежност.

Паралелно писмото содржи и информации на три јазици, грчки, англиски и француски, за уставното име во целина (Република Северна Македонија), за краткото име (Северна Македонија), државјанството (македонско/граѓанин на Република Северна Македонија) и кодовите на земјата („NMK“ или „NM“ за регистарските таблици на возилата и „MK“ и „MKD“ за друга употреба).

Шефот на дипломатијата Османи во петокот кажа дека нема простор за паника кај граѓаните, ДКП-ата ќе работат во две смени и сабота и недела, додавајќи дека најголем наплив за барања на патни листови има во Германија.

-Тоа што забележувам е дека има одредена паника кај граѓаните во дијаспората дека после 12 февруари ќе ги изгубат работните места, ќе можат да ги загубат дозволите за престој. Поради тоа во трите наши дипломатско-конзуларно претставништва во Берлин, Бон и во Минхен, во Швајцарија, Италија има наплив од граѓани. Сакам да пратам порака дека нема простор за паника затоа што МНР се организираше да им излезе во пресрет каде и да се. За тие што ќе се затекнат со пасоши кои по сила на закон ќе бидат инвалидирани, ќе може да се вратат со патни листови, појасни Османи.

Додаде дека во Германија и Италија однесени се и две нови мобилни станици за издавање патни исправи, а најголем е напливот во Бон, каде се издадени над 6000 патни листови, а потоа во Берн, Берлин, Минхен, Венеција, Рим и Љубљана.

-Во градовите каде што немаме ДКП-а, а имаме голем број на луѓе од нашата дијаспора, планираме календар на конзуларни денови од 12 февруари каде што ќе можат директно да дојдат и да аплицираат за пасоши, рече Османи, потенцирајќи дека во државите каде што немаме ДКП-а, односно во Африка каде што има само во Каиро, се работи на е-конзулат и патните листови ќе бидат праќани по пошта.

За граѓаните коишто ќе се најдат на бродови по 12 февруари, кажа Османи, ќе можат да го користат овој начин на барање патни листови онлајн и ќе бидат во комуникација со нашите ДКП-а и ќе се договорат каде ќе можат најлесно да го добијат патниот лист.

Во однос на тоа дека личните карти ќе останат важечки во државава и по рокот од 12 февруари, а со нив може да се патува во државите во соседството, Османи вели дека државите имаат добиено известување дека пасошите се невалидни по 12 февруари, додека личните карти ќе останат валидни по тој рок, и останува на државите како ќе се однесуваат по ова прашање.

За можноста која тој претходно ја најави за рефундирање на парите за лични документи, вели дека за тоа ќе информира техничкиот премиер Талат Џафери во вторник, додека работна група веќе работи по негова насока и за сите решенија што ќе се донесат ќе информира премиерот.

Османи додаде дека Преспанскиот договор земјава речиси го исполнила во целост освен одредени институции каде одлуките не се носат од Владата како што се федерации, МАНУ…

-Грција во суштинскиот дел ги исполни обврските, но и тие имаат поради исти причини поради одлуки на институции кои не се директно под Владата, не се ратификувани три договори, како и сообраќајните знаци. Во политичката комуникација со Грција двете страни имаат истакнато дека се почитува договорот, рече Османи.

Тој нагласи дека има јасна политичка волја и од Северна Македонија и од Грција за продолжување со целосна имплементација на договорот од Преспа.

Амбасадорот на Белгија за Северна Македонија, Фредерик Мерис, во интервју за „Независен“, најави дека работна група во ЕУ идната недела ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Договорот од Преспа, според која од 13 февруари сите пасоши мора да го содржат името Република Северна Македонија. Мерис оцени дека ќе биде лошо ако ЕУ нема заедничка позиција околу имплементацијата и ако земјите членки поединечно одлучуваат како да ги третираат македонските граѓани со невалидни пасоши.

-Не знаеме се уште како Белгија ќе ја имплементира промената и како ќе ги третира вашите граѓани без валиден пасош, се уште немаме конкретен одговор на тоа. Сепак, тоа е дел од одговорноста на претседателството на ЕУ. Ние ќе имаме состанок на почетокот неделавата што доаѓа на европско ниво. Има работна група во рамките на ЕУ која се справува со вакви прашања и ќе работиме за да утврдиме заедничка позиција за земјите членки. Најлошо ќе биде ако се случи луѓе да поминуваат низ Унгарија и низ Србија, а Австрија да има друга позиција – тоа е нешто што сакаме да го избегнеме. Така што, во основа, да, ние мора да имаме повеќе јасност идната недела околу ова прашање, вели Мерис за „Независен“.

To top