До Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција денеска ќе биде поднесена кривична пријава против 16 лица кои се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства.
Како што соопшти вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се работи за Ш.М. (46), Д.И. (50), Ф.Б. (45), Б.А. (44), Р.С. (41), С.А. (44), М.Ч. (27), С.С. (36), Ш.А. (27), Ш.Б.(20), Н.И. (44), Е.И. (25), Ф.С. (43), Ш.С. (40), М.Д. (41) и О.П. (43) .
Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, а ги предводел Ш.М. од село Грчец, заедно со веќе починатите О.Б. и Ј.К., од декември 2019 до март 2021 година, за што се обезбедени докази. Во овој период, групата организирала транспорт на 435 килограми кокаин во земјава од Бразил.
Според Спасовски, организираната крмининална група била формирана за вршење убиства од одмазда и по порачка од користољубие. Организаторите создавале планови и одлучувале кој, кога и како да биде лишен од живот, а плановите ги спроведувале лично или преку организираната криминала група. Организираната криминална група делувала на меѓународно ниво, оранизирала набавка на кокаин од јужноамерикански земји, пренесување до земјите на ЕУ, а дел бил наменет и за наркопазарот во земјава.
-Како резултат на денешните активности и извршените претреси на 20 локации во Скопје, во село Грчец и други места, шестмина од пријавените се лишени од слобода, дел подолго време престојуваат надвор од земјава, а едно лице, Р.С., е веќе лишено од слобода во Шпанија, истакна Спасовски.
Според него, при претресите се запленети голема сума пари, луксузни автомобили и други вредни предмети.
МВР во координација со Основното јавно обвинителство за организиран криминал по издавањето потерници за лицата кои се надвор од земјава ќе преземе координативни мерки со поддршка на ЕУРОПОЛ за нивно лишување од слобода.
-Знаеме каде се лицата кои подолго време престојуваат надвор од земјава. Имаме детална соработка со ЕУРОПОЛ, продолжуваме понатаму со активностите, рече Спасовски и додаде дека ова е една од можеби најзначјаните истраги со која, потенцира, финишира целосното разбивање на криминалните групи кои делувале повеќе од 30 години на тероторијата на Гард Скопје.