Катастрофално и нечовечки е однесувањето на СДСМ, ДУИ и Левица, оценува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, во изјава за КУРИР.
По трагедијата во Кочани, која ја зави цела Македонија во црно, одредени политички структури продолжија да тераат политика.
Стојаноски ги коментираше сите три партии поединечно.
-Левица се класични политички глодари кои до таа мера умот им го има поматено политичката амбиција и функциите во кои се наоѓаат, па на паузата од купување луксузни простории во центарот на градот за партиски простории и хотели од 4-5 ката, не почекаа неколку дена да ги испочитуваат жртвите и веќе од првиот ден почнаа да политизираат. Ќе ја потсетам јавноста, обидувајќи се да организираат протести, во студентски протести да инфилтрираат лица кои организираат протести во Србија, нивни членови да се обидат да ги дигнат студентите, практично секаде каде што има извор на незадоволство и изблик на гнев на народот, народот е гневен и ние сме гневни на системот кој не функционираше, тие се прилепуваат и се обидуваат на секаков начин газејќи преку спомените на оние кои трагично ги завршија животите, да имаат некаква политичка корист и бенефит. Тоа е политички глодар, рече Стојаноски.
-Од кампусот на СДСМ, привидно глумејќи дека нема да ја користат трагедијата, ги извадија од нафталин оние нивни омилени шарени револуционери кои 7 години не кажаа ниту една буква за четирите големи трагедии за кои нема ниту една кривична пријава. За Онкологија, Дурмо турс, Беса травел, Модуларната болница, набавката на вакцини, тие луѓе седум години ќутеа. Ништо не кажаа, ниту еден протест немаше организирано, немаше „Кој е следен“, немаше „Системот е следен“, за да сега ги активираат и тие политички глодари да се обидат да добијат некој поен. Видовме една катастрофална прес-конференција на една потпретседателка барајќи оставка од министерот Тошковски. За да биде парадоксот уште поголем, Оливер Спасовски излезе и толкуваше како треба истрага да биде водена. Гледате дека сега има над 60 приведени и тоа истрагата сè уште не е завршена, има уште два месеци рок истрагата да заврши. Секој еден кој Обвинителството ќе помисли дека е вмешан може да биде и повикан и обезбеден од органите на прогонот и да одговара. Министер во Владата има што е во моментов приведен, приведувани полициски службеници. Секој еден за кој истрагата ќе покаже дека е обвинет, слободно нека одговара. Но не го видовме тоа кога беше СДСМ на власт. И тоа замислете, сега е трагедија на објект кој што бил дискотека кој не исполнува услови, но тука нема јавна набавка од државен орган како што имаше за Модуларната болница. Ќе ве потсетам за трагедијата во Бугарија, 60 пати автобус кој што е нерегистриран, поминат на технички преглед со лажна лиценца, а имаше дисциплинска постапка за еден полицаец и еден царински службеник. Каде беа тука директорите на Царина да дадат оставка? Министерот за транспорт, министерот за внатрешни? Имаше ли некој приведен или некаква кривична пријава? За тие 4 скандали МВР има нула кривични пријави. И сега, тие нас ќе ни објаснуваат за неселективна правда ? Тие што луѓето кога гореа викаа дека кабелот бил крив? Дека во Онкологија сестрата била крива или портирот, а никој не одговараше и покрај тоа што имаат директни надлежности по Законот за здравствена заштита? – рече Стојаноски.
-Одиме кај третите, кај ДУИ.Тие од првиот ден се обидуваат да дадат етнички наратив на истрагата, обидувајќи се да го прават тоа што најдобро го прават 20 години. Секогаш кога се фатени во криминал тие велат дека етнички се води истрагата и дека некој има нешто против Албанците. Логично е сега антитеза ние да поставиме прашање: Кој имаше против Албанците кога се случуваа овие трагедии? ВМРО-ДПМНЕ како опозиција или тие како власт кои не ги расветлија случаите зошто загинаа луѓе кои можеби беа Албанци, можеби беа Македонци кои изгореа живи во болницата, кои ги загубија животите во Ласкарци, во Бугарија. Дали ние ги делевме пациентите на Албанци и Македонци? Зошто тие не беа загрижени барем за Албанците, па да кажат еве има толку обвинети, толку се осудени. Тие се обидуваат да го направат тоа кое што мислат дека ќе им донесе некакво оправдување пред јавноста. Знаат дека се до гуша во криминал, знаат дека некој веќе почна да поставува прашања. Нема веќе безочно крадење, нема веќе недопирливи во државата, почнува правдата да го стигнува секого, порача тој.
Пратеникот порача дека бескомпромисно ќе се расчистува со криминалот и дека овие три партии на локалните избори ќе ја добијат пораката од народот.
Со Стојаноски разговаравме и за неговата посета на САД, а останатиот дел од интервјуто ќе го објавиме викендов.