Македонија ВМРО-ДПМНЕ

Петрушевски: 0 колективни договори за 1,5 година власт склучи ССМ со Владата, но затоа потпиша со СДС

Протестот на ССМ доживеа фијаско, синдикатот работи во корист на СДСМ

Петрушевски: 0 колективни договори за 1,5 година власт склучи ССМ со Владата, но затоа потпиша со СДС

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција упати остри критики кон Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), обвинувајќи го раководството за политичка поврзаност со СДСМ и отуѓување од реалните проблеми на работниците.

Според Петрушевски, како што рече, „политичкиот театар на СДС и ССМ заврши во еден чин“, алудирајќи на слабиот одѕив на протестот што се одржал изминатиот викенд.

Тој оцени дека протестот претставувал „фијаско“ и дека, според него, на него не присуствувале вистинските работници, туку лица кои, како што тврди, биле мобилизирани од СДСМ и облечени во синдикални и партиски обележја.

Пратеникот дополнително го обвини претседателот на ССМ, Дарко Трендафилов, дека се дистанцирал од клучните предизвици со кои се соочуваат работниците и дека синдикатот делува во координација со СДСМ.

„Трендафилов и ССМ бараат сè што СДС ќе им напише на ливче“, изјави Петрушевски, додавајќи дека ССМ не реагирал ниту ги поддржал колективните договори што Владата ги склучила со други синдикати, а со кои, според него, биле зголемени платите во јавниот сектор.

Во своето обраќање, тој посочи дека ССМ, како што рече, не склучил ниту еден колективен договор со Владата во изминатите една и пол година, но „потпишал договор со СДС“.

Петрушевски заклучи дека, според него, додека раководството на ССМ, како што наведе, „одработува за СДС“, работниците ќе продолжат да го напуштаат синдикатот.

Најнови вести од Македонија

To top