Опозициска коалиција во одбрана на криминалот. Интегративците и социјалдемократите се повторно на иста линија, во бескруполозна одбрана на криминалот на сопствените функционери, макар се работело за таргедија како онаа во Кочани која одзеде 61 живот.
ДУИ по вчерашната прес-конференција на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и јавниот обвинител Љупчо Кочевски и јавно побара помош од партиските војници кои се вработени во МВР од страна на партијата минатите 23 години. По 22 години на власт, интeгративците најдоа да зборуваат, за верувале или не – за ЗАРОБЕНА ДРЖАВА?! Според партијата која никако не може да се навикне дека е во опозиција, министерот Тошковски со обвинителот Коцевски кој демек бил под политички притисок – човек кој е избран по лично нивни предлог – ја прикажувале, ни помалку ни повеќе, туку карикатурата од заробената држава. Истата таа заробена држава која тие 22 години ја ограбуваа, понижуваа и користеа како средство за полнење џебови.
-ДУИ ги повикува професионалците во МВР и Јавното обвинителство да не дозволат да станат дел од оваа трговија со влијанија и со тоа да не го озаконуваат овој политички пазар. Вистинската правда не смее да се крие преку селективни истраги и медиумски настапи. Тоа што ни се покажува не е правда – туку институционален агресивен напад, еднострански насочен кон албанскиот народ во оваа држава, стои во партиското соопштение објавено утрово.
И пак, ДУИ се претставува како албанскиот народ, иако ВРЕДИ има повеќе пратеници од Албанска националност во своите редови. Стара, излитена карта на која партијата од Мала Речица игра веќе 10 месеци, не можејќи да сфати дека е возможно да е во опозиција и дека ќе мора да одговара за сторениот криминал во 22-те години на власт, особено минатиите седум. Партијата со потпретседател во бегство, сега пак „се крсти“ во национализам, претставувајќи се како гласот на албанскиот народ, кој за нивна жал,одамна веќе не е.
Се јавија и СДСМ со идентични обвинувања до Тошковски , МВР и Владата. Тие, што е право, повеќе го „галеа“ Коцевски, обвинител кој го создадоа со коалиционерите на ДУИ:
Добиени се 18 барања, за четири лица е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица е изречена мерка за претпазливост согласно членот 146. Сите имаат право на жалба во законски рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа – вака соопштија синоќа од Кочанскиот суд.
Ова вчера го побараа државниот обвинител Коцевски кој заедно со Тошковски, одржаа заедничка прес-конференција во Обвинителството. Меѓу осомничените се и двајца поранешни и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, како и актуелниот генерален инспектор во ДЗС.
-Времето кога кабелот и пајакот беа криви заврши, изјави министерот за внатрешни работи. Тој рече Министерството покажало дека законот важи за секој што ќе се огреши, а при тоа да се собрани соодветни докази. Тој додаде дека со ваков пристап постои шанса да се „рестартира“ системот.
Вкупно 13 години ниту еден инспектор од Кочани не спровел проверка на објектот, кој од лесна индустрија бил пренаменет во дискотека. Истрагата не е готова, таа ќе трае уште најмалку два месеца, најави државниот обвинител.
Вкупно 45 луѓе и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде што загинаа 61 лице, а речиси 200 беа повредени.