Владата на денешната седница донесе одлука за поддршка на Град Скопје за реализација на проектот за брз автобуски превоз – БРТ. Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје, едната Исток – Запад и втората Север – Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ-возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во градот. Ќе се реализира со заем од 70 милиони евра поддршка од ЕБРД, а Владата ќе ги трансферира овие средства во вид на неповратни средства за Град Скопје.
За владината одлука информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на „Фејсбук“ нагласувајќи дека Владата преку Министерството за транспорт и Министерството за финансии овозможува силна поддршка на Град Скопје за реализација на проектот за брз автобуски превоз – БРТ.
– На денешната седница на Владата ја потврдивме подготвеноста за изградба и воспоставување нов современ градски сообраќаен систем преку кој ќе ги подобриме ефикасноста и економичноста на транспортната мрежа во градот. Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје, едната Исток – Запад и втората Север – Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ-возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во градот. Проектот ќе се реализира со заем од 70 милиони евра поддршка од ЕБРД, а Владата ќе ги трансферира овие средства во вид на неповратни средства за Град Скопје. Рокот за завршување на овој значаен проект е февруари 2029 година – истакна Николоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт нагласи дека развојот на главниот град ја наметнува потребата од воведување нови сообраќајно-транспортни решенија, кои ќе овозможат поефикасен транспорт за граѓаните.
– Министерството за транспорт во соработка со Град Скопје ќе обезбеди соодветната инфраструктура за овој тип на превоз, а дополнително, со проектот за градски воз и набавката на новите еколошки електрични автобуси, ќе понудиме комбиниран систем на транспорт во Скопје преку кој значително ќе ги подигнеме точноста и ефикасноста на градскиот јавен превоз, пишува Николоски.