Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието изјави дека енергетската состојба во земјата е стабилна, и покрај, како што рече, најголемата глобална енергетска криза во последните децении.
Во одговор на пратеничко прашање од пратеничката Силвана Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ како ја оценува состојбата со енергетиката во земјата, Мицкоски информира дека во моментот има приближно 165.000 тони јаглен, а хидроакумулациите се исполнети со речиси 40 проценти од капацитетот. Според него, обезбедени се и потребните количини гас до крајот на април, неопходни за затоплување на Скопје.
Тој посочи дека АД ЕСМ во ноќните часови извезува електрична енергија во вредност од 100.000 до 150.000 евра дневно, што на месечно ниво носи меѓу 6 и 9 милиони евра, во зависност од цените на берзата.
Мицкоски оцени дека државата „не само што е стабилна, туку и извезува стабилност во регионот“ наведувајќи дека Македонија во услови на криза снабдува повеќе странски аеродроми со керозин.
– Дури и во услови на епска криза ние снабдуваме неколку аеродроми со керозин. Замислете, ако сега донесеме одлука за забрана за извоз, тие аеродроми ќе мора да се снабдуваат по други, значително повисоки цени. Тоа директно ќе влијае на авионските билети, на транспортните трошоци и на инфлацијата во тие држави – рече премиерот.
Тој најави дека на самитот ЕУ – Западен Балкан во јуни ќе ги презентира плановите за регионална енергетска интеграција истакнувајќи дека електричните преносни мрежи, далноводите и гасните интерконектори не признаваат граници и веќе функционираат во рамките на европскиот систем.
– Потребно е регионално да се организираме затоа што преносните мрежи, далноводите, гасните интерконектори и нафтоводите немаат шенген. Не признаваат граници. Тие се интегрирани во европскиот систем. Таму нема преговори и уставни измени, таму само се интегрираме – рече Мицкоски.
Како потенцијална можност тој ја наведе процената на Светската енергетска агенција дека во наредната деценија глобално ќе недостигаат 40.000 ТW нов инсталиран капацитет,и оцени дека доколку регионот привлече само 0,01 % од тие инвестиции, тоа би значело околу 4.000 ВW нови капацитети или 400 милијарди долари годишно. (МИА)