Крајно непримерно однесување, вака поранешниот министер за правда, јавен обвинител, апелационен судија и прв антикорупционер Михајло Маневски гледа на „писмото“ кое судиите го испратија до премиерот Христијан Мицкоски. Оценува и дека не е вистина дека ова е едногласен став на трите судски институции, туку дека Џолев, разрешените судии до Судски совет и дел од судиите од Здружението солираат со овој безобразен политички памфлет.
-Јас, искрено да ви кажам, сум многу изненаден од еден таков однос, првпат гледам дека заеднички настапуваат Судски совет, Врховен суд и здружението на судии на Македонија, со едно соопштение кое е крајно непримерно и во никој случај не е начин за комуникација со еден претседател на Влада, зато што е очигледно дека се пренебрегнуваат основните работи кои значат функционирање на законот. Јасно е дека ова соопштение не го потврдиле сите членови на општа седница на Врховен суд, ниту сите членови на Судскиот совет, освен оние 5-мина разрешени на кои им е изгласана интерпелација, нити она што значи Здружение на судии откако претседател стана поранешниот претседател на Кривичниот суд, Иван Џолев, кој што го упропасти Кривичниот суд и со еден збор го сведе на едно ниско ниво и има огромно влијание за состојбите во кривичното судство и во кривичните постапки, сето тоа се одвиваше во еден подолг временски период во кој беа инсталирани политички структури и се стави во политичка функција, а не во функција на заштита на граѓаните, посочи Маневски во „За или против“ со Љупчо Цветановски.