Македонија Собрание

Комисиска расправа за предлогот Ана Павловска Данева да биде избрана за уставна судијка

Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, бидејќи постапката за избор на нови членови заглави во Собранието.

Комисиска расправа за предлогот Ана Павловска Данева да биде избрана за уставна судијка

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница се очекува да расправа по единствената точка на дневен ред – утврдување на предлог за избор на судија на уставен суд. За уставен судија, според материјалите објавени на веб-страната на Собранието, е предложена универзитетската професорка Ана Павлова Данева.

На првата седница одржана за оваа точка одржана на 25 јануари не беше утврден дневниот ред. На оваа седница, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа појаснување зошто е повлечен претходниот предлог за уставен судија. Воедно посочија дека со новиот предлог за судија не се запазени важни услови.

-Кога се бираат судии секогаш се внимава на две нешта кои не се исполнети во случајов. Првиот е да има департизација, тоа значи тој што е судија да нема политичка активност или политичка определба. Предлогот е истакнат правник, но дури и некој да е професор со искуство од областа кога ќе дојде на местото кандидат за уставен судија веќе имаме проблем со репутацијата, рече Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Д-р Ана Павловска-Данева е редовен професор на научната област Административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Родена на 22.02.1973 година во Скопје.

Студиите ги започнала на Правниот факултет при Московскиот Државен Универзитет „М.В. Ломоносов“ во Москва, а во 1993 година дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала во 1998 година на тема „Омбудсман – заштитник на правата и слободите на граѓаните“. Истата година била избрана за помлад асистент на научната област Управно право на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а веќе следната 1999 година била избрана за асистент. Во 2004 година, се стекнала со научен степен доктор на правни науки, со одбрана на докторската дисертација на тема „Управни договори“ и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по што напредува во звањата и станува вонреден професор (2009 година) и редовен професор (2013 година).

Предлогот Данева да биде нова уставна судијка дојде откако на 24 јануари во Собранието по речиси година и половина расправа беше повлечен предлогот за Љубомир Јовески да биде уставен судија. Тој тогаш изјави дека изненадувачки и вулгарно било тоа предлогот да биде повлечен без да се наведат основни причини за тоа поради што му била нанесена штета.

Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, бидејќи постапката за избор на нови членови заглави во Собранието. (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top