Македонија Собрание

Извештајот на ЕК пред Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања

Европската комисија оценува дека нема напредок во делот на судството и дека судскиот систем на Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготвеност. Во Извештајот се посочува дека Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. 

Извештајот на ЕК пред Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија денеска ќе одржат заедничка седница посветена на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.

Се очекува на седницата, евроамбасадорот Дејвид Гир да ги презентира клучните наоди од Извештајот, а обраќање ќе има и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Во Извештајот за напредокот на земјава за 2023 година, објавен на 8 ноември, се наведува дека процесот на преговори за пристапување на Северна Македонија во ЕУ бара широк консензус од главните политички партии, кои треба да се вклучат во конструктивна и инклузивна политичка дебата за да се зајакне улогата на Парламентот.

ЕК оценува дека работата на Парламентот беше нарушена со политичка поларизација, која дополнително се продлабочи, одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони и важни именувања, а се забележува и за прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на процедурата за носење законски решенија со „европско знаменце“.

Еврокомисијата смета дека земјата продолжила со напорите за зајакнување на демократијата, но се соочила со значителни предизвици во областа на владеењето на правото, како и дека генерално правната рамка за одржување на демократски избори останува соодветна и покрај тоа што не се имплементирани вонредните препораки од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

Според ЕК, Македонија останува умерено подготвена во однос на реформите во јавната администрација и постигнат е ограничен напредок со усвојувањето на новата стратегија за нејзина реформа, додека за невладиниот сектор се оценува дека иако тој генерално работи во поволно опкружување, потребно е негово поголемо вклучување во реформскиот процес.

Европската комисија оценува дека нема напредок во делот на судството и дека судскиот систем на Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготвеност. Во Извештајот се посочува дека Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи при врачување на копиите од Пакетот за проширување за 2023 година и од Планот за раст на Западниот Балкан од страна шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир во Скопје на 9 ноември, оцени дека главните забелешки во Извештајот се политичката поларизација и блокадата на работата на Парламентот во донесувањето законски и реформски решенија од страна на опозицијата. За владејачката СДСМ, Извештајот потврдил дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица се кочничари на напредокот кон ЕУ, додека за најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, тој е доказ дека земјата се наоѓа во состојбата на стагнација, а во одреден дел и на назадување.  (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top