Актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која се кандидираше за втор мандат, денеска во Германија гласаше на изборите за Европскиот парламент.
– Да ја покажеме силата на нашата демократија. Да ја направиме Европа, нашиот заеднички дом, посилна од кога било, порача Фон дер Лејен на својот профил на Х.
Фон дер Лајен е водечки кандидат на централнодесничарската Европска народна партија (ЕПП) за претседател на Европската комисија, што значи дека гласачите на изборите за Европскиот парламент не можат директно да гласаат за неа, но индиректно ќе влијаат дали таа ќе биде избрана за уште еден мандат.
Доколку ЕПП освои најмногу гласови на изборите, како што се очекува, партијата ќе може да ја предложи Фон дер Лајен за нов мандат.
Европскиот парламент го избира претседателот на Европската комисија, на предлог на земјите-членки, кои кога го даваат својот предлог го земаат предвид исходот од изборите за ЕП. Во ЕУ денеска е последниот ден од гласањето на изборите за ЕП, каде граѓаните избираат 720 нови пратеници, 15 повеќе отколку што избраа во 2019 година.