Али Ахмети еднаш изјави дека ДУИ не е резервна гума. Но, партијата секако требало да има не една, туку повеќе резервни гуми, бидејќи почнуваат да им се бушат „здравите“ гуми кој ја тркалаат колата. Последните случувања говорат дека интегративците возат на бандаш.
Дали ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби за персона нон грата на САД, во период кога се предвидуваа зурли и тапани пред Уставен суд со собирање народ од страна на ДУИ е случајно? Случајно или не, ова е бушење на гумите на колата на ДУИ- директен удар во врвот на раководството.
Се сруши и креираното мислење од страна на ДУИ во јавноста за нивната безрезервна поддршка од САД.
Фактите јасно говораат дека поддршката на САД оди кај премиерот Христијан Мицкоски да направи чекори во зачувувањето на стабилноста на државата, а тоа може исклучиво ако „удри“ по стратешките нешта- криминалот, корупцијата и судството. Во спротивно, државата не оди никаде, односно оди во рапиден распад.
Македонија заслужува конечно да се одмотка клопчето на правдата и на неправилностите!
Овие случувања за КУРИР го искоментира и аналитичарот Агим Јонуз, кој потенцира дека Мицкоски е на прав пат да воведува ред во државата.
-Американците дуваат во кривата на Мицкоски. Зошто е тоа така? Еден турски султан еднаш рекол кога го купуваш судијата, ја убиваш правдата, а кога ќе ја купиш правдата, ја убиваш државата. Инцидентно ли, намерно ли, во периоди кога Уставниот суд треба да одлучува и кога ДУИ прети со дестабилизации и акции кои треба да направат сериозен ред, Американците излегуваат со листа и удираат дирекно по врвот на ДУИ. Дали е тоа коинциденција или дали тоа е намерно? Ако тргнеме од тоа дека не е коинциденција и дека е намерно, тоа само значи дека треба добро да размислиме чии стратешки партнер реално е Америка во овој момент, дали на позицијата или на опозицијата како што во јавноста се создаваше мислење дека ДУИ е една филијала на Американците во Македонија, вели Јонуз и додава:
„Ако земеме во предвид дека оваа информација која протече во јавноста задира и удира директно во врвот на раководствот на ДУИ, со што само највува дека ова не е изолиран случај, дека допрва ќе излезат имиња за кои треба да се дискутира и да се превземат мерки, тоа ни кажува дека Мицкоски е на вистински и прав пат полека ама сигурно, чекор по чекор да воведува ред во оваа држава“.
А пропо денешните апсења во РЕК Битола, каде е уапсена една огромна група поединци, Јонуз вели дека тоа ни дава еден баланс да не размислуваме етнички, туку да размислуваме криминогено.
-Тоа што Артан Груби како име излезе во јавноста тоа само ни кажува дека нема да има пардон во воведувањето на редот во државава. Искрено, мислам дека сето она што Мицкоски го вети полека ама сигурно ќе се реализира, за тоа секако треба време, а за Артан Груби и за сето она што допрва ќе носи некакви последици, информации и случувања, мислам дека дневната политика ќе има многу теми за дискусија и многу пандорини кутии во Македонија допрва ќе се отвораат. Во секој случај не мислам дека ова беше неочекувано, потенцира Јонуз.
И ВМРО-ДПМНЕ излезе со свое соопштение. Велат дека власта на СДСМ и ДУИ, предводена од Артан Груби, се докажа дека е до гуша во корупција.
-Партнерот во криминал на СДС, Артан Груби заедно со судијата Енвер Беџети ставени на црна листа на САД, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Причината за која се ставени на црна листа на САД, е тоа што Артан Груби и Енвер Беџети, се вмешани во значителна корупција преку примање мито за поткупување судски процеси поврзани со Мијалков. Со ова се докажува дека на партнерот на СДС, ДУИ воопшто не му е грижа за народот, туку и протестите пред Уставен суд се само една драма за да ги скријат своите криминали. Овие луѓе се срам за Македонија!, потенцираат од партијата.
Од ДУИ пак се јавија со штуро соопштение: „Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста“.
Американската Амбасадорка Анџела Агелер која во минатото секогаш јасно потенцираше дека во земјата има пандемија од корупција и дека истата треба да биде спречена, по одлуката на Стејт Департментот уште еднаш порача дека оваа одлука е доказ дека политичкото мешање не може и нема да се толерира, потенцирајќи дека никој не е над законот.
-Именувањето на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нарушува довербата на јавноста. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок, се наведува во објавата на Агелер на Фејсбук.