Македонија Црвен крст

Досега се собрани 43.149.360 денари за настраданите од пожарот во Кочани

Ве повикуваме и понатаму сите заедно да ја покажеме хуманоста и солидарноста за настраданите од пожарот во Кочани, велат од Црвен крст.

Досега се собрани 43.149.360 денари за настраданите од пожарот во Кочани

Црвениот крст на РМ во текот на вчерашниот ден беше дел од организацијата на погребите на трагично загинатите лица од пожарот во Кочани. Беа ангажирани вкупно 165 волонтери кои дејствуваа како тимови за прва помош и психолошка поддршка, поставени пунктови и логистичка поддршка на сите места каде се извршени погребите, обезбедена погребална опрема и транспорт за починатите. Свесни сме за ситуацијата и сочувствуваме со болката и тагата на погодените семејства и остануваме посветени во обезбедување на поддршка на оние на кои им е најпотребна, посочуваат од Црвен крст.

Црвениот крст е во контакт со партнерските национални друштва од земјите каде се хоспитализирани повредените од пожарот каде им се обезбедува поддршка за семејствата на повредените.

Особена поддршка е понудена од организациите на Црвен крст на Србија, Бугарија, Словенија и Грција.

-Упатуваме голема благодарност до сите кои донираа и ве информираме дека сме во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства за најитните потреби наменети за настраданите од пожарот во Кочани. Досега се собрани 43.149.360,00 денари. Ве повикуваме и понатаму сите заедно да ја покажеме хуманоста и солидарноста за настраданите од пожарот во Кочани, велат од Црвен крст.

To top