Собранието денеска треба да ја одржи 40. седница, на чиј дневен ред се петте интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Зад иницијативата, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за нивното заминување од функциите ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.
Во образложенијата за поднесените интерепелации објавени на собраниската веб-страна се посочува дека се поднесуваат заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.