Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права и пратеник на Левица, Димитар Апасиев на почетокот на седницата информира дека покрај другите надлежности, Комисијата има ингеренции да разгледува дописи на граѓани и да заземе ставови по нив.
Соопшти дека во поблиската парламентарна историја досега во различни мандатни состави, Постојаната анкетна комисија согласно нејзините уставни надлежности заседавала по поднесени претставки од граѓани или здруженија и тоа шест претставки во периодот 2002-2003 година, две претставки во 2004 и 2005 година, две претставки во 2006 година, по една претставка во 2007, 2008, 2009 и 2010 година и две претставки во 2019 година.
Укажа дека Комисијата не може да врши истражни или други судски функции, но нејзините наоди се основа за поведување постапка за утврдување одговорност носителите на јавните функции.
И покрај тоа што Апасиев потенцираше дека телото нема судски овластувања, туку само може да дава наоди, останува прашањето: Што навистина е направено со тие наоди, и дали Комисијата под негово претседателство служи за решавање проблеми или само како говорница за добивање на политички поени без конкретни резултати, останува да се види!
Пратеничката Иванка Василевска побара изземање на Димитар Апасиев од преседавањето со Комисијата, бидејќи според правните принципи, особено во ваков тежок предмет, и самиот сомнеж е доволна причина за изземање. Таа истакна дека болката и борбата на семејствата бараат непристрасност, а не однапред пресудени ставови за тоа кој и како ќе одговара.
-Пратеникот Апасиев со неговите изјави и ставови го изгуби кредибилитетот да ја води денешната комисија. Поради сето наведено, барам изземање на колегата Апасиев од претседавање со анкетната комисија. Правдата не смее да биде водена од оние кои однапред ја негираат, истакна Василевска.