Претседателот на СДСМ, Венко Филипче бара Собранието да донесе парламентарна резолуција за одблокирање на евроинтеграциите со наведување на нашите „црвени линии“. Според него тие ќе значат заштита од ново бугарско вето, или ако тоа се повтори тогаш државата ќе биде овластена веднаш да ги прекине преговорите за членство во Европската Унија.
Според првиот човек на СДСМ актуелното мнозинство треба да се согласи да ги вметне Бугарите и други малцинства во преамбулата на македонскиот устав, услов од ЕУ за отворање на поглавјата, и потоа да види како ќе постапи Бугарија.
Оваа теза на Филипче не само што не е разумна, туку е и опасна, толку опасна што би довела до отворање на ,,пандорината кутија‘‘ и ослободување и реализирање на сите бугарски тези и стратегии без напор за Софија, практично со наше одобрување.
Зошто е оваа теза опасна?
Што ќе постигнеме доколку Бугарија постави ново вето, а ние се повлечеме од преговорите?
За Филипче вметнување на Бугарите во уставот значи јасна дистинкција помеѓу двата народа, односно јасен доказ контра бугарската теза дека сме ист народ.
Но, токму тука е проблемот. Официјална Софија и сега не тврди дека сме ист народ. Но, тврди дека Македонците се народ од 1945. година и уште понавредливо, вештачка творба на Тито и Коминтерната. Тоа што Софија го сака е историскиот континуитет до 1945, до ,,вештачката твроба‘‘.
Оттаму, што би значеле црвените линии на Филипче, со право на раскинување на преговорите? Едно големо НИШТО!
Со вметнување на Бугарите во преамбулата на уставот, тие добиваат статус на дел од народ, како и сите останати. Добиваат стекнати права уредени со Рамковниот договор и Уставот, кои не можат да бидат укинати без измена на Уставот или меѓународен договор.
Добиваат јазично право, право на образование на мајчин јазик во основно и средно, употреба на национални симболи (знаме, химна, културни обележја) на начин што не е спротивен на државните закони.
Добиваат право на соодветна застапеност во институциите, во државната администрација, полицијата, армијата и другите јавни институции. Добиваат политички права преку – гарантирано учество во Собранието преку политички партии и пратеници кои ги претставуваат заедниците. Посебно право на глас преку механизам за „Бадентерово мнозинство“. Добиваат културна автономија – право да основаат свои културни и верски институции, медиуми и здруженија, финансиски поддржани од државата. Право на употреба на својот јазик во општинската администрација таму каде живеат најмалку 20% од заедница, и слично.
Да, Филипче или некој друг ќе каже дека според последниот попис во земјава има 3.504 македонски граѓани кои се изјасниле како Бугари, а само 762-ца го зборуваат бугарскиот јазик, и дека никаде не живеат најмалку 20% од заедницата за да ги остваруваат тие права во голем обем. Но, не треба да се заборават тврдењата на Софија за издадени над 120.000 бугарски државјанства за македонски граѓани, кои се согласиле дека имаат бугарска самосвест и бугарски корени. Тој аргумент, па и барање нов попис со слични бројки на бугарските, сигурно ќе биде следен чекор на Софија, дури и условен со вето, без обзир дали ќе ги прекинеме преговорите со ЕУ или не.
Да не се залажуваме дека Бугарија сака да ја види Македонија во ЕУ по секоја цена, како што е наведено во договорот за добросоедство. Софија сака да ја види Македонија таму каде што ја гледа – ако не како дел од Бугарија, тогаш како еден народ во две држави.
Токму тие стекнати права, со вметнување на Бугарите во уставот нема да можат да бидат поништени од никакви црвени линии на Филипче и СДСМ. Затоа тие не значат никаква гаранција или заштита доколку Софија повторно посегне по ветото. Затоа нашата закана дека ќе ги прекинеме преговорите со ЕУ не значи ништо, ама баш ништо.
П.С.
Едноставно кажано – со црвените линии на Филипче Македонија губи се‘, а Бугарија добива се‘.