Македонската идентитетска трпеза што ни ја сервира еврокомесарката за проширување Марта Кос имаше се, но не и ајвар кој стана дел од словенечкиот идентитет, а кој Словенците ниту ги имаат, ниту го произведуваат, туку и натаму се гостат со превкусниот македонски Ајвер, принудно преименуван, откако мудрите Словенци го ,,украдоа‘‘ правото на користење на името ајвар.
Тоа што Кос ни го поврза идентитетот со тавче гравче, погача, пинџур и полнети пиперки, не само што не ни го потврди идентитетот, туку отвора нова кавга со соседите, чии се тие јадења, распространети на целиот Балкан. Веројатно да можеше и тие ќе беа своевремено регистрирани од Словенија, како производи по потекло, па нам ќе ни оставеа само да произведуваме намирници за нивните брендови со кои ќе се гордее словенечкиот идентитет.
И доаѓаме до клучниот момент! Дали гурманската порака од еврокомесарката беше само гаф, несмасно срочена изјава или добро промислена порака!
Речиси е невозможно и недоговорно, еврокомесар чија бруто плата е 28.400 евра, плус 15% надоместоци за домување, плус надоместоци за релокација, семејни додатоци, дневници и слично да го спореди идентитетот со гурмански специјалитети.
За волја на вистината, Кос додава: Членството во Европската Унија е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, затоа што, Европската Унија е изградена на принципот на разноликост. Во таа насока, идентитетот никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување, туку е нешто што го носиме во душите и нашите срца!
Токму, со таа реченица еврокомесарката сакаше да не утеши за тоа што следеше. Речиси во истовреме бугарскиот европратеник Андреј Ковачев обелодени дека трите најголеми политички групации во европарламентот се договориле од извештајот за напредокот на Македонија со амандман да се отстранат сите спомнувања на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
Кос знаела што се подготвува, па се обиде да го реалтивизира значењето на македонскиот идентитет, посебно што знае дека истиот е цел на груби, недемократски, па и фашистички напади од официјална Софија, невидени во 21-от век.
Тезата дека ако не сме го спомнувале тоа прашање во Европскиот парламент немало да се случи таков контранапад не држи воопшто. Молчењето во овој случај не е злато, туку помош за Бугарија во остварување на своите хегемонистички цели, чекор, по чекор. Токму затоа цела Европа мораше да види со каква омраза се соочуваме дури и во лулката на демократијата, Европарламентот.
Точно е дека европратенците ќе бараат компромиси, оти од нив зависат едни од други по многу прашања, но тоа што е несфатливо е компромис и тоа лош компромис за нешто што на македонската нација и значи и е цел на брутален напад.
П.С.
Интересно ќе биде да се види како Романија ќе се постави кон членството на Молдавија во ЕУ, кога голем дел од романските политичари, интелектуалци и јавноста сметаат дека Молдавците се Романци и дека постои единствен романски народ, односно дали Бугарија ја отвори пандорината кутија во срцето на Брисел, или ќе остане изолиран хегемонистички случај, заглавен во 19-от век.