На 3. Февруари се одбележаа 153 години од раѓањето на најголемиот македонски револуционер Гоце Делчев. Ниту јубилеен, ниту годинашниот датум по нешто друго посебен, сепак предизвика реакција кај официјална Софија. Бугарската влада се пожали дека не била поканета за заедничко чествување на роденденот на Гоце на неговиот гроб во црквата ,,Свети Спас‘‘ во Скопје, а дипломати од бугарските ДКП-а во Македонија во одвоена делегација положија венци и цвеќиња на гробот на Гоце.
И ништо не би било чудно ако бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков не изјавеше дека чествувањето се одржува ,,во малку чудни услови, поделени и со тензија‘‘. Притоа, Желјазков се повика на цитат од Гоце од неговото писмо до Никола Малешевски од 5. Јануари 1899. година кој гласи: ,,Жално е, но што да правиме, бидејќи сите сме Бугари и страдаме од истата болест. За 20-30 години нашите внуци ќе ѝ се смеат на оваа генерација дека работите што требаше да нè обединат, всушност нѐ разделија‘‘.
Но, притоа Желјазков го избегнува толкувањето на целата содржина на писмото, во кое Гоце опишува како си страдаме и од бугарски и од грчки болести, алудирајќи на влијанието и ,,игрите‘‘ на Бугарите и Грците во окупирана Македонија од Отоманската империја и револуционерното движење за нејзино ослободување.
Годинава изостана присуството и на провокаторот Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“ кој има забрана за влез во Македонија, како и ,,бандата провокатори‘‘ на Ангел Џамбаски. Се се сведе на тројца бугарски државјани кои се пожалија дека не можеле масовно да се организираат за да дојдат на чествувањето!
И толку од почитта на Бугарите кон Гоце. Зошто?
Затоа што и пренесувањето на моштите на Гоце во Скопје, и величањето на неговата улога за независна македонска држава, па дури и преименувањето на бугарскиот град Неврокоп во Гоце Делчев во 1951-ва се случува само и само во моментите кога Македонците беа признати и регистрирани во Бугарија. Во пописот од 1946 во Пиринска Македонија од вкупно 252.908 жители 160.541 лица се изјасниле како Македонци, а во 1956-та, од вкупно 281.015 жители, како Македонци се изјасниле 178.862. Чествувањето на името и делото на Гоце е заслуга токму на овие илјадници Македонци кои ја испочитувале неговата волја да почива во главниот град на независна Македонија – Скопје.
Од тој момент, па до денешната ,,демократска‘‘ Бугарија членка на ЕУ и НАТО, Македонците не се признати, не им е дозволено здружување и организирање, а пописите фрлени на буниште, како резултат на, како што вели официјална Софија, пописи направени под присила или по грешка!?
Па, зошто тогаш би чествувале заедно?!
Роден во Кукуш, убиен во Баница, двете во Егејска Македонија под османлиска власт, Гоце за Бугарија е Бугарин кој се борел за Бугарите во Македонија, како автономија во рамките на Бугарија. За Македонија, Гоце е Македонец кој се борел за Македонците и независна Македонија. Аргументите дека во документите се напишал Бугарин, се само банализирање на толкување на историјата, и многу пати досега објаснети дека во отоманска Македонија и црковните егзархии, можел да се напише само како Грк или Бугарин.
Како можеме тогаш заеднички да чествување, кога за едните е ЦРНО, за другите е БЕЛО?
Обидите Гоце да се прикаже како заеднички херој, може само да не ,,дозакопа‘‘, откако, како држава се согласивме за заедничко чествување на Светите Кирил и Методиј. Тие и денес за Македонија и цел свет останаа се‘словенски просветители, а за Бугарија, бугарски просветители!
Па, зошто тогаш да чествуваме заедно?!
За да ги повториме грешките од минатите влади и заедничка историска комисија? За да попуштиме на уште еден притисок? За да ја загубиме и последната лекција од историјата, платена со крв? За да станеме БУГАРИ?
ПС. Замислете како заеднички би чествувале настани од Втората светска војна и депортацијата на Евреите во Треблинка од страна на бугарскиот фашистички окупатор? Сигурно и за тоа имаат одлични идеи во Софија по принципот ,,СЕ ШТО Е МОЕ Е МОЕ, А СЕ ШТО Е ТВОЕ Е НАШЕ‘‘!