Култура Театар

Претставата „Лавиринтот“ во петок премиерно на матичната сцена на Народниот театар од Охрид

Премиерната изведба на „Лавиринтот“ е закажана за в петок 10 ноември, со почеток во 20 часот.

Претставата „Лавиринтот“ во петок премиерно на матичната сцена на Народниот театар од Охрид

Охридскиот Народен театар на матичната сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ в петок ќе ја  изведе премиерата на претставата „Лавиринтот“, режисерска поставка на Ѓорѓи Ризески и актерите Ивица Цонев и Mарко Богдановски.

Режисерот Ризески за „Лавиринтот“ вели дека е претстава направена со многу љубов и многу влог кон театарот генерално.

-Тематски ова е „Лавиринтот“ што генерално зборува за некои вечни теми, работи кои ги толкувам јас како работи кои постоеле уште пред да се родам и останале во денешницата на некој начин. Менувајќи ги системите и свеста на луѓето, ние се развиваме и евоулираме, но секогаш имаме некои работи кои ни се останати, кои се уште треба да поминат низ уште повеќе филтри, за да се евоулираме и од нив. И токму за тоа е оваа претстава за некои заостанати од порано работи кои до ден денес пречат или ни помагаат. Од историјата треба да се учи да не ги повторуваме грешките, вели режисерот Ризески.

Според него, претставата е работена според актуелна тема, затоа истата и се поставува на сцената.

-Инаку, камерна претстава претстава што ја прави уште поавтентична актерската игра, додава Ризески изразувајќи надеж дека истата ќе има многу изведби.

Актерот Ивица Цонев за претставата вели дека ја носи вечната човекова слабост наречена власт и насилие, желбата на човекот да се чувствува овластен и страшен, да има моќ да ги диктира животите на останатите.

– И во името на некакво измислено државно уредување, измислена идеологија, пари, лични болни амбиции и психози да уништува се околу себе, да опустошува… Како пример од историјата Хитлер во името на Бог уби милиони луѓе, во името на некој негов бог неразбирлив за човечкиот разум. И светот треба да се ослободи од таквите луѓе. Во претставата ги толкувам овие личности. Ми беше многу љубопитно да се обидам да влезам во нивни чевли, да се обидам да разберам што се случува во нивните глави. И знаете, ужасно е човек да живее со толку многу нељубов во себе, да живее со ѕверски мисли излезени од канализација. Кај нив отсутвува секаква човечка емпатија, а отсуството на љубов е главна причина за сите човечки недостатоци, аномалии и проблеми, вели Цонев.

Премиерната изведба на „Лавиринтот“ е закажана за в петок 10 ноември, со почеток во 20 часот. (МИА)

To top