Економија со 63 гласови „за“

Собранието го донесе Буџетот за 2024 година

Собранието го донесе Буџетот за 2024 година

Собранието во рамките на денешното продолжение на 135. седница со 63 гласови „за“, без гласови „против“ и со 25 гласови „воздржан“ го донесе Буџетот за 2024 година кој е во вкупен износ од 5,5 милијарди евра. Едногласно со 87 гласа „за“ Собранието го донесе и Законот за извршување на буџетот.

Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари, за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 45,2 милијарди денари. Се очекува раст на бројот на вработени од два процента. За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.

Проектираниот дефицит за 2024 година во износ од 33,5 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 45 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 26,4 милијарди денари и домашен долг во износ од 18,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4 проценти, пред се, како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата на коридорите 8 и 10, придружени со мерките и активностите за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст.

Се очекува понатамошен раст на потрошувачката, при раст и на приватната и на јавната потрошувачка. Приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,1 процент во 2024 година, во услови на намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и одржување на солидно ниво на дознаките од странство. Се очекува умерен раст на јавната потрошувачка од еден процент, а инфлацијата да се стабилизира на 3,6 проценти во услови на одржување стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.

To top