Последното зголемување на цената на струјата не можеше да се избегне, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Според Бислимовски, треба да се покаже разбирање за „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) бидејќи државната компанија, како што вели, мора да застане на здрави нозе.
– Во тој дел ние каде што ги регулираме цените, во делот на мрежарините, ние ја намаливме цената за пренос и дистрибуција и како збир ја намаливме за 5 отсто бидејќи постоеше простор да ја намалиме. Ја намаливме и цената на МЕПСО, ја намаливме и цената на ‘Електродистрибуција’, ја намаливме и цената на МЕМО. Кај делот на ЕСМ треба сите да покажеме разбирање. Ситуацијата е тешка, ЕСМ работи во загуби и ЕСМ е стожерна компанија во енергетскиот сектор. За ЕСМ дали да опстои или да не опстои, ние немаме сценарио Б. ЕСМ мора да застане на здрави нозе, ЕСМ мора да си го зголеми своето производство на електрична енергија, но и треба полека да го гледаме ЕСМ не само како производна компанија, туку и како компанија која, покрај тоа што произведува електрична енергија, и продава електрична енергија, рече Бислимоски.
На прашањето дали можеа државните електрани да останат на 62 евра за мегават-час, како цена по која досега ја продаваа струјата на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ и да не ја зголемуваат на 65 евра, Бислимоски рече дека ако останела истата цена, ситуацијата ќе се влошела.
– ЕСМ и во 2024, 2023, 2022 и 2021 ги заврши годините со загуби. Сега не знам како беше, можеби во 2023 или 2024 прикажа одредена добивка, но тоа беше пред сѐ поради трансферите што се правеа од државниот буџет. Значи, да останеше истата цена, ситуацијата уште повеќе ќе се влошеше. ЕСМ го презема ризикот да ја обезбеди електричната енергија за потребите на домаќинствата по 65 евра, а реално неговата производна цена е помеѓу 90 и 100 евра за мегават-час. Значи, од старт ЕСМ, за да обезбеди околу три милијарди и 200 милиони киловат-часови, работи со загуба. Дополнително, ЕСМ продава електрична енергија и на ‘Електродистрибуција’ за покривање на загубите, тоа се околу 800 милиони киловат-часови, но таму цената е 105 евра за мегават-час. Значи, таму каде што му е најголемата продажба, таму се најголемите загуби. И сега, да останеше 62 евра, уште повеќе финансиските загуби во ЕСМ ќе се зголемуваа, така што треба да му дадеме шанса на ЕСМ полека финансиски да закрепнува и мислам дека тоа ќе се случи во наредниот период, вели претседателот на РКЕ.