Вести отворено писмо

АПИС до Пендаровски: Ако го потпишете указот ќе ја вратите Македонија во 1990 ќе никнат диви играчници и тогаш младината навистина ќе биде загрозена!

Претседателот на Републиката беше еден од малкумината државни функционери кои се одsва на барањето на АПИС и АСОМ во април минатата година и нѐ прими на средба во неговиот кабинет на која ја изразивме нашата загриженост за содржината на измените на Законот за игри на среќа и злоупотребите на ЕУ знамето за нивното усвојување по секоја цена.

АПИС до Пендаровски: Ако го потпишете указот ќе ја вратите Македонија во 1990 ќе никнат диви играчници и тогаш младината навистина ќе биде загрозена!

Претходно уште во февруари 2023 евроамбасадорот Дејвид Гир јавно порача дека европското знаме не смее да се злоупотребува за избегнување на дискусиите за важни прашања директно посочувајќи дека мисли на игрите на среќа.

Владејачкото мнозинство не само што остана глуво на овие укажувања, кои се нотирани и во последниот Извештај на Европска комисија и Стејт Департментот на САД, туку со антидемократска и антиевропска процедура на сила ги усвоија скандалозните и противуставни измени. На 12 јануари кога истече и онака кусиот рок за амандманската расправа, за да се спречи изјаснување на пратениците за последниот амандман за намалување на дистанцата од 500 на 200 метри од образовни институции и да се спасат 10 илјади работни места, претседателот на Комисијата за европски прашања прво ја прекина седницата во 13 и 55 минути, па ја продолжи дури во 17 и 20 минути, за да во 18 часот ја заклучи сесијата без воопшто да спроведе гласање. Не постои друг пример во законодавен дом на земја членка на НАТО, која сака да стане полноправен член на Европската Унија, да се спречува гласање на народни избраници со брутална злоупотреба на ЕУ знамето.

Почитуван Претседателе Пендаровски,

Хронолошки гледано сите факти упатуваат дека постои основа веднаш да постапувате согласно член 75 од Уставот. Клучната дилема е дали ќе постапувате како заштитник на Уставот или исклучиво низ призмата на дневната политика? Ние сакаме да веруваме дека ќе постапите државнички и ќе спасите 10 илјади работни места. Вработените во овој сектор се обични луѓе, меѓу кои има и родители на малолетни деца кои чесно си ги заработуваат платите и не сакаат да бидат избркани од сопствената држава.

Ако го потпишете указот за стапување во сила на овие измени, ќе станете соучесник во враќањето на Македонија во 1990 кога имаше покер апарати зад завеси во кафулиња, диви играчници по подруми во секое маало, државата ќе нема никаква контрола, тогаш младината навистина ќе биде загрозена. Само поставете си го прашањето, кога младите се повеќе заштитени, сега кога игрите на среќа се одвиваат на легален начин или кога ќе се организираат на црно и државата ќе нема никаква контрола?

Илјадници Македонци од економски маки ги напуштаат своите родни огништа и си ја бараат среќата во туѓина. Ако стапат на сила измените најмалку 35 илјади луѓе ќе станат нови кандидати за иселеници во западните земји.

Уште еднаш апелираме да останете доследни на вашиот јавен став од декември 2023 дека нема да го потпишете указот бидејќи е јасно дека не постои јасна ЕУ директива за вакви измени на Законот за игри на среќа да се истуркаат со скратени деловнички процедури кои предвидува ЕУ знамето.

Доколку законските измени стапат во сила бидете сигурни дека нашата институционална и демократска борба ќе продолжи. Ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставен суд, ќе следат тужби за астрономски отштети кои ќе се прекршат преку грбот на народот. Без егзистенција ќе останат 10 илјади вработени, 54 до 100 илјади други работни места кои се поддржуваат преку легалните игри на среќа ќе доживеат сериозен економски удар, сопствениците на објектите ќе останат без закупнина, банките ќе активираат хипотеки и други гаранции. Државниот Буџет ќе изгуби 280 милиони евра годишен приход што е најмалку пет проценти од планираните државни приходи за 2024.

Претседателе, вие сте на потег!, пишуваат во отвореното писмо до Пендаровски од АПИС.

To top