Ракометната репрезентација на Македонија тргна со пораз на Европското првенство од гигантот Франција, а во второто коло ја очекува уште еден навистина тежок предизвик против домаќинот Германија.
Нашиот тренинг камп се пресели во Берлин, а на првиот тренинг своето размислување го сподели Милан Лазаревски.
Нема премногу разлика во амбиентот, и оваа сала ќе биде исполнета. Ги анализираме натпреварите одиграни во првото коло. Имаме време да се подготвиме и да се покажеме во подобро светло од првиот меч. Нема што да се споредуваат Франција и Германија. Стилот е различен, консталацијата на играчите исто така. Целосно треба да се промени тактичкиот план кои треба да ги имплементираме на натпреварот. Паралела не може да се повлече. Тие играат многу пофизички силно, ама не се толку мобилни како Французите. Германија се потпира на физичката сила и на индивидуални квалитети повеќе отколку на техничките можности. Во играта седум на шест се чувствуваме доста комотно. Игравме добро и тоа вроди со плод. Вклучувајќи некои топки што брзоплето ги продадовме, игравме гол за гол кога користевме тактика со човек повеќе. Ќе видиме што селекторот ќе замисли за овој натпревар, јасно е дека планот не може да биде ист за Германија. Неспоредливо е да се игра во ваква конкуренција на оваа сцена. Припремата на клупски план ми е на врвно ниво. Имам одличен стручен штаб и ментор во Столе Стоилов. Сметам дека шансите кои ги добивам добро ги искористив, изјави Лазаревски.
Македонија има два дена за подготовка на мечот со Германците, па в недела од 20:30 часот се очекува да се спротивстави на фаворитот во „Мерцедес-Бенз Арената“.