Репрезентацијата на Хрватска со вчерашниот пораз од Исланд (35-30) и теоретски остана без шанса за пласман меѓу првите три селекции во групата кои носат полуфинале, односно битка за петтата позиција, па сега се најде во бизарна ситуација бидејќи единствената цел што ѝ преостана може да ја оствари само со – пораз.
„Коцкестите“ се обидуваат да обезбедат пласман во квалификациите за ЛОИ во Париз, за што се прва резерва поради деветтото место на ланскиот Мундијал. Ова значи дека ако некоја од селекциите на Шпанија, Шведска, Германија, Норвешка, Египет и Унгарија обезбеди директен пласман на олимпискиот турнир, каде што веќе се најдоа домаќинот Франција и светскиот првак Данска, тогаш Хрватите би го пополниле нивното место во квалификациите. Ова значи дека единствен проблем може да им направи Австрија со евентуален пласман во полуфиналето на ЕП 2024, а за да го спречат тоа, „коцкестите“ мора да загубат на утрешната средба против Германија.
Опција за Хрватска да се најде во квалификациите за ЛОИ 2024 е и Египет да стане африкански шампион, што секако е потешка варијанта во однос самите да ги „лансираат“ Германците меѓу четирите најдобри репрезентации на стариот континент и тоа со – пораз.