Живот и Стил 14 Ноември

Се одбележува Светскиот ден на дијабетесот

Немање континуитет во достапноста на современа терапија, пристап до медицински помагала за мониторинг на гликемијата, како и недостаток од континуирана и структурна едукација се предизвиците со кои се соочуваат пациентите болни од дијабетесот.

Се одбележува Светскиот ден на дијабетесот

Под мотото „Соочени со предизвиците на дијабетесот во Македонија-дејствуваме пред да стане непоправливо“ денеска Сојузот на здруженија на дијабетичари ќе го одбележи 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот.

Централниот настан ќе биде во хотелот „Континентал“ каде ќе се одржи форум на кој ќе бидат презентирани експертски ставови и мислења, пред се за имплементацијата на Националната програма за дијабетес и се очекува да се донесат соодветни заклучоци и препораки за заедничко делување во текот на следната година.

Претставници на Сојузот вчера остварија средба со претседателот на државата Стево Пендаровски на која укажале дека изминатите месеци се соочуваат со недостиг на ленти и на апарати за мерење на шеќерот во крвта, како и недостиг на анти – дијабетна терапија. Според нив, неопходно е во целост да се смени и начинот на набавка на инсулин и да се напушти системот на тендерски постапки. Претседателот Пендаровски, како што соопштија од неговиот Кабинет, изразил поддршка за нивното барање да се воведе референтна цена за набавка на глукомери и ленти за мерење на шеќер, како и да им се рефундираат трошоците за новата анти-дијабетна терапија.

Вчера во пресрет на Светскиот ден на дијабетесот, на Детската клиника во Скопје беше соопштено дека се набавени сензори за деца и млади до 18 години со дијабет тип 1, бремени жени со дијабет тип 1 и за слепи лица.

To top