Живот и Стил ГОЛЕМИ БОРЦИ

ФОТО: Сијамски близначки на кои им прогнозираа неколку дена живот го прославија седмиот роденден

Ибрахим вели дека да се биде нивен татко е голем благослов.

ФОТО: Сијамски близначки на кои им прогнозираа неколку дена живот го прославија седмиот роденден

Кога се родиле Мерјем и Ндеје, лекарите очекувале да живеат не подолго од неколку дена. Тие сега имаат седум години и се верува дека се единствените неодвоени споени близнаци во Европа кои растат.

Иако девојките имаат различни личности и расположенија, тие се потпираат една на друга за да преживеат.

-Кога од почеток ќе ти кажат дека иднината не постои, живееш само за сегашноста, вели нивниот татко Ибрахим.

Сијамските близнаци се ретки – едно од 500.000 живородени деца во Обединетото Кралство.

BBC

Околу половина се мртвородени, а уште една третина умираат во рок од 24 часа по раѓањето.

Така седмиот роденден кој Мерјем и Ндеје го слават со многу пријатели не е радост само за Ибрахим, туку и за лекарите кои се грижат за нив.

Мерјем и Ндеје делат пар нозе и карлица, но секоја има ‘рбетен мозок и срце.

Иако им треба деноноќна грижа, девојчињата со другарките посетуваат редовно училиште во Јужен Велс.

-Тие се борци и им докажаа на сите дека грешат. Моите ќерки се многу различни. Мерјем е тивка, воздржана, а Ндеје е сосема спротивно, таа е многу независна. Нема да кажам дека е лесно, но тоа е огромна привилегија. Среќни сте што сте сведоци на таа постојана борба за живот, вели Ибрахим.

Пред да се родат близнаците во Сенегал во 2016 година, нивните родители очекувале само едно бебе.

Лекарите им предвиделе дека нема да живеат повеќе од неколку дена.

„Бев спремен да ги изгубам многу брзо“, изјави Ибрахим за документарниот филм на Би-Би-Си „Неразделни сестри“.

BBC

-Единствено што можевме да направиме е да бидеме тука за нив и да не ги оставиме сами да поминат низ се. Рано ни беше јасно дека имаме работа со воини кои не се откажуваат од животот, додава таткото.

Лекарите во Сенегал сметаа дека нивната најдобра шанса за преживување е да се разделат.

Откако ги повика болниците ширум светот за помош, семејството пристигна во Британија во 2017 година на лекување во лондонската болница „Грејт Ормонд Стрит“.

Ибрахим се надеваше дека во познатата детска болница, каде што се разделени повеќе споени близнаци од сите други на светот, ќе бидат разделени и неговите ќерки и дека по операцијата ќе се вратат дома кај нивните браќа и сестри во Дакар.

Но, не се одвивало се’ според планот. Прегледите покажале дека срцето на Мерјема е преслабо за сложената операција и дека нема да ја преживее. Ибрахим и голем тим медицински експерти долго размислувале дали девојките треба да се разделат. На крајот било одлучено дека најдобро решение е да не се разделат.

-Тоа би убило едно од моите деца за да живее другото. Не можам да го сторам тоа. Не можам да си дозволам да одлучам која ќе живее, а која ќе умре, изјави тогаш Ибрахим.

BBC

Мајката се вратила во Африка за да се грижи за нивните други деца, додека Мерјема, Ндеје и Ибрахим останале во Британија.

-Ми беше многу тешко бидејќи не можев да се вратам дома каде што ги оставив другите членови на моето семејство и мојата работа, вели Ибрахим, кој бил генерален директор на туристичка организација во Сенегал.

Посочува дека одлуката значела да се впушти во непознатото, но вели дека не размислувал премногу, туку само го следел срцето.

Близначките мора да имаат редовни прегледи поради високиот ризик од инфекции и срцева слабост.

-На почетокот бев малку возбудена, а потоа сфатив дека тоа е нешто за што читав само во учебниците. Тие делат пар нозе и карлица. Во абдоменот има многу различни органи. Не знаеме точно за сите, но знаеме дека некои од нив се заеднички, а некои се одвоени. Тие имаат два одделни ‘рбетни мозоци и одделни нерви, но некако се целосно координирани и не мора да си кажуваат како да ја движат раката или како да ја движат ногата, тоа само функционира, вели Џилијан Боди, педијатар од Универзитетската болница во Велс.

BBC

Облекувањето на близначките е предизвик. Од облеката се купуваат две исти парчиња кои потоа се спојуваат на кројач.

Девојчињата сега се во трето одделение во редовно основно училиште, каде им помагаат двајца лични асистенти.

-Сакам да имаат нормален живот, да играат и да се смеат со другите деца, да создаваат пријателства и да се развиваат како поединци. Тие не треба да се кријат од никого, а фактот што посетуваат редовно училиште покажува дека се дел од општеството и дека имаат среќа што се дел од оваа заедница, вели Ибрахим.

Следниот предизвик за Мери и Ндеје е да се обидат да станат и да одат.

Ибрахим вели дека да се биде нивен татко е голем благослов.

To top