Живот и Стил сзо

Физичката неактивност кај децата една од клучните детерминанти на дебелина

Во нашата држава, дебелината кај возрасните е зголемена за 13,6 отсто, а кај децата и адолесцентите за 7,4 проценти споредено со 1990 година. Постојат разлики во преваленцата на зголемена телесна тежина и дебелина според пол, односно дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата. Повеќето од децата кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина живеат во урбани средини, се наведува во денешното соопштение на Светската здравствена организација (СЗО) за 4 март – Светскиот ден на дебелината.

Физичката неактивност кај децата една од клучните детерминанти на дебелина

– Физичката неактивност кај децата заради намалените можности за безбедни животни средини, кои промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди, како клучни детерминанти на дебелина: приближно 40 отсто од децата од шест до деветгодишна возраст поминуваат време пред телевизија или употребуваат електронски уреди повеќе од два часа дневно, вкупно 48 проценти од децата спортуваат или танцуваат најмалку два часа во неделата, повеќе од половина – 63 отсто, активно се движат до и од училиште, пешки или со велосипед, наведуваат од СЗО.

Социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина, како што се додава во соопштението, влијаат врз навиките за исхрана кај децата.

– Вкупно 32 отсто од децата од шест до деветгодишна возраст консумираат безалкохолни пијалаци богати со шеќер повеќе од три дена во неделата. Половина од децата консумираат ужинки богати со шеќер повеќе од три дена во неделата, а од нив 8,4 проценти и повеќепати секој ден. Само 24 отсто од децата консумираат свежо овошје секој ден, додека 21 процент консумираат свеж зеленчук, информираат од СЗО.

Според податоците, 30,5 отсто од децата од шест до деветгодишна возраст во нашата држава живеат со зголемена телесна тежина или дебелина, 13,8 проценти од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина.

– Дебелината е сложено хронично заболување. Причините се добро познати, како и интервенциите коишто се потребни за контрола на кризата, кои се поткрепени со силни докази. Клучни интервенции се: активности за поддршка на здрави практики од првиот ден, вклучително и промоција, заштита и поддршка на доењето, регулативи за штетниот маркетинг на храна и пијалаци за деца, политики за храна и исхрана во училиштата, вклучувајќи иницијативи за регулирање на продажбата на производи со висока содржина на масти, шеќери и сол во близина на училиштата, фискални и ценовни политики за промовирање здрава исхрана, политики за нутритивни информации на етикетите, кампањи за едукација на јавноста и зголемување на свесноста за здравата исхрана и вежбањето, стандарди за физичка активност во училиштата и интегрирање на услугите за превенција и управување со дебелината во примарната здравствена заштита, се наведува во соопштението.

Од Институтот за јавно здравје претходно денеска нагласија дека трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата во нашата држава се одржуваат стабилно на високо ниво.

– Потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина што влијаат врз дебелината, до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување, посочуваат од ИЈЗ.

Во писмената изјава на професор доктор Игор Спироски, главен истражувач на COSI во Северна Македонија, се наведува дека борбата со дебелината нема да ја добиеме преку решенија само во здравствениот сектор.

– Носителите на одлуки во различни сектори треба овој јавно – здравствен предизвик да го стават високо во своите приоритети и да овозможат услови во кои дебелината нема да го оптоварува здравјето уште од детска возраст, се истакнува во неговата зијава.

Повеќе од 10 години, Институтот и центрите за јавно здравје ја спроведуваат „Иницијативата за следење на дебелина кај децата“ на СЗО, позната под акронимот COSI, имплементирана во 45 држави од европскиот регион. Оваа иницијатива е најмасовниот систем на следење на трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата преку стандардизирани антропометриски мерења и процена на детерминантите на дебелината во семејната и училишната средина.

– Новата студија објавена во „The Lancet“ покажува дека во 2022 година, повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со дебелина. Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите – од пет до 19 години). Лошата исхранетост, во сите нејзини форми, вклучува неисхранетост, но и зголемена тежина и дебелина. Неисхранетоста е одговорна за половина од смртните случаи на деца под пет години, а дебелината може да предизвика незаразни болести како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес и некои видови рак, пишува во соопштението на СЗО.

Според генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, за враќање кон исполнувањето на глобалните цели за спречување на дебелината, ќе биде потребно владите и заедниците да работат, со поддршка од политики засновани на докази од СЗО и националните институции за јавно здравје.

– Уште поважно е дека ќе биде потребна соработка со приватниот сектор, којшто мора да биде одговорен за влијанието на своите производи врз здравјето, се подвлекува во неговата писмена изјава.

Најнови вести од Живот и Стил

To top