Колумни Љупчо Цветановски

Удбашки методи

Соочени со давењето во уставната каша која сами си ја смесија, неинвентивните северни владини давеници се свртија кон она што најдобро го знаат и се фатија за веќе истенчената и излижана од користење сламка. А, генот си е ген, нели?

Удбашки методи

За наша жал, во генот на денешните северџганистанци и довчерашни комуњари и нај-Југословени, екс бугараши, уште поекс јаничари, евнуси и кодоши од Турско, еден ген од поблиското минато е доминантен, штрчи од многу далеку. Не, не генот на партизаните чиј спомен го укаљаа со смената на преамбулата при Преспанската капитулација, а го дооцрнија со Уставните измени со кои сакаат оној кој беше фашистички окупатор и против кој партизаните се бореа и гинеа, бугарските фашисти кои стрелаа деца во Ваташа, кои и ја исекоа главата на Дуња, заедно со сите ѕверски зулуми и садистички злодејанија сега да ги вградат во устав и да ги промовираат како државотворен народ?!?! Кај насадените властодршци доминирал, доминира и ќе доминира генот на УДБА, на нивните предци удбаши, на кодошите и службите. Најдобро објаснување зошто и ден-денеска без срам и перде ги прават и со садистичка насмевка ги одработуваат овие антимакедонски дела кои се косат со сечија човечка и македонска логика, акти без трошка чест, гордост и достоинство во нив.

Прво, она што е најприродно за удбашите е „позови пријатеља“, не бадијала на српски. По Белград, сега така свикаа и по Брисел, по пуста навика. Ама, тонч и статива. Бадијала, „пријателот“ уморен од виткање раце и самиот свесен за забеганоста на недемократски бугарскиот аздис не можеше да им ја заврши работата. Што е следно? Па, второ е она за што удбашите се створени. Најавата за „пријателски“ и  убедувачки тет-а-тет разговори во подрум…

Затоа, сликата како Обиџуко и бандата еден по еден со ламба насочена во очите и со корнење нокти ги преслушуваат опозициските пратеници убедувајќи ги „пријателски“ да  гласаат за уставни измени и внос на Бугари во светата македонска книга и не е така чудна, нели?

Толку логичен чин за наследниците на УДБА, кои меѓу другото и ден денеска треба да објаснат како тоа го „лапнаа“ недвижниот и движен имот, прогласувајќи се за неприкосновени наследници на Комунистите. Старт-ап милионски бизнис за чедата кои потоа украдоа милијарди…

Туку, ај, на Таче, Обиџуко и бандата им личи да бидат удбаши, тоа си е факт. Им стои ко „саливено“. Арно ама, на Али не му стои, ама ич. Командантот кој направи кариера плукајќи по екс Ју системот, лик кој постојано се претставува како дисидент и чевече со досие, репресиран и гонет  токму од УДБА, сега да применува удбашки методи? Не му „стои“, или? Јок, забораваме дека тој беше дел од удбашката прикаска во 2018-2019-та при преспанско мотивираната промена на уставот. Значи, жртвата на УДБА да ти била удбаш? Стара вистина за двојните агенти од минатото, кои секогаш ја одбираат подоходовната страна…

Трета шема на удбашите е ширење невистини за противникот, во овој случај опозицијата. Онаа стара навика со пропагандата пуштена на најјако, порано преку сокаците, весниците, разгласот и кодошите, денес преку медиумските и „експертски“ апологети. Онаа прастара „раздели па владеј“  игра на чедата возљубени во девалвација, релативизација и оцрнување на спротивниот табор.

Четврта „лоша навика“ на удбашите е прислушувањето на неподобните за нив политичари, дејци и на граѓаните, тогаш преку соседи, фиксни телефонски линии и клучалки, сега преку малициозни системи, мобиљки и смарт телевизори.

Се’ е исто, само него го нема. Не Заев, Тито. Црпко е на Халкидики, проверено…

Атавизмите од минатото испливуваат на виделина во моменти кога Македонија повторно е исправена  пред сериозни предизвици, опасност скриена во владината офанзива за протнување на НЕуставните измени и исполнување на бугарскиот диктат, ама „дословце“. Не така случајна намера на крајно корумпираната и криминогена влада, чиј единствен начин за опстојба на власт со раширени раце за нови кражби и арамилак е само и само преку немо исполнување на соседските антимакедонски планови.

За нивна жал и наша среќа, сега имаме опозиција која не е обременета со багажот на крадени народни пари и какви не криминалии ко онаа пред 5-6 години. Не можат ни да ги наместат како дел од претходниците. Затоа и коленичат за помош за да повторно го прескокнат народот. Истиот тој народ кој во десетина анкети им кажа недвосмислено и громогласно НЕ! за уставни екскурзии, суеверенот на оваа држава кој во дузина испитувања на јавното мислење со огромно мнозинство од над 80 проценти им порача да не гибаат онаму каде што не смеат ни на сон да пипнат. И, пак, и покрај неверојатните бројки на народ кој е против, дилајлите политикантски со цел ум и без срам и перде одат против суверенот кому во ниту една изборна програма не му ветиле промена на устав, партии тотално делегитимирани уште во 2021-та со дебаклот на локалните избори, апаратчици кои во моментот губат два наспрема еден во однос на политичките противници???

Опозицијата година и половина покажа унитарност и силна отпорност кон надворешните влијанија и притисоци во кои оксиморонските атеисти од власта се крстеа. Не им помогна ниту ступидната смена на генерации, Ќуран и Артан на местото на Заев и Алија. Никој нормален веќе не верува во добрите намери на овие две крајно забегани партии и обожаватели на богот Мамон, а резултатите од нивните идиотски договори и потпишување на слепо без прашање на се’ што ќе им се подметне испаднаа „килаво дете“, покилаво здравје.

Ова копрцање на власта фатена во сопствената стапица доаѓа на само неколку месеци пред нивната „гудбај парти“ која одамна им ја подготвува понижениот македонски народ кој со години врие од злодејанијата на Муртинци, Тачевци, Алиевци, Грубиевци, Царовци, Спасовци, Маричичиња и цела она друга банда недостојни репрезенти на власта која се дрзна да ја менува дури и историјата на овој напатен, крајно налутен и горд народ.

Опозицијата и народот треба, во најмала, рака, да се луди на неколку месеци пред заминување на најнеспособната влада во историјата да и’ гласаат шалабајзерски и непромислени уставни измени и да им одобрат самоубиствени и идиотски чекори за кои сите им велеа да не ги прават, особено знаејќи дека огромно мнозинство од народот стои зад нив.

Влогот е голем, преголем. Влогот е Македонија, да не се лажеме. Ако се изгласаат уставни измени во оваа антимакедонска форма, ова ќе биде последното понижување, конечниот чин на самоуништување на македонското национално ткиво, финале и крај на прикаската. По неа, ќе може само да ставиме клуч и да го изгасиме светлото. Со или без Чом.

Затоа, опозицијата ќе опстои. Заради Македонија.

Туку, „шу прајме“ после со удбашите, избори се ближат?

Тик-так, тик-так, тик-так…

To top