Млад маж од Монголија патувал една година со својот велосипед за да го исполни својот сон.
Очирвани Батболд одлучил на направи нешто за себе и тргнал на патување низ 20 земји со една единствена цел, да пристигне на „Олд Трафорд“.
Во писмото кое го испратил до Манчестер Јунајтед наведува дека неговиот омилен играч му е Вејн Рени, кој воедно е и негова инспирација. Батболд објаснил и дека токму поради Руни и самиот сакал да биде фудбалер и почнал да тренира. Имал сон еден ден да игра за „Црвените ѓаволи“. Но, сонот завршил откако бил измамен од наводен фудбалски агент кој му земал огромен износ на пари.
Очирвани се разочарал бидејќи бил изигран, но во исто време и без пари. Тогаш одлучил да си го исполни сонот и да си докаже самиот на себе дека може се да направи во животот. Така започнало неговото патување со велосипед, без помош и поддршка од тим, поминувајќи 14.000 километри и 20 држави.
На патот до „Театарот на соништата“, според објавите на социјалните мрежи, околу божиќните празници Батболд бил во Македонија, а објавил и дека го пробал македонското тавче гравче.
По пристигнувањето во Манчестер, тој го посетил стадионот на Јунајтед во придружба со официјално лице од клубот кој го прочитал писмото и одлучил да му ја исполни желбата на Батболд.
Покрај прошетката низ „Театарот на соништата“, на Батболд му се остварил и сонот за средба со својот идол Вејн Руни. Младото момче добило и билети за натпревар, а седел од близина на Сер Алекс Фергусон и голем број легенди на клубот од „Олд Трафорд“.
-Не е само фудбалски стадион, инспирација е. Исто така е и љубов, среќа, некогаш и тага. Тоа е мојот дом, вели Батболд.
Неговото патување, пристигнувањето пред „Олд Трафорд“ проследено со голем број емоции, погледнете го во видеото во продолжение.