Вечерва во 20.15 на Македонската телевизија наместо дуел меѓу двајцата претенденти за шеф на државата, ќе има интервју само со кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова. Нејзиниот опонент Стево Пендаровски не дојде да ги соочи ставовите во дебатата на јавниот сервис.
Од македонската телевизија, по обвинувањата од тимот на Пендаровски дека Давкова сама си договорила дебата, информираат дека на 26 април упатиле покани за предизборно соочување до кабинетите на кандидатите кои влегоа во вториот круг од претседателските избори, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.
-Јавниот сервис како датуми ги предложи – 1 мај (среда), 2 мај (четврток) и 06 мај (понеделник). Во зависност од предизборните активности на кандидатите за претседател, оставивме можност дебатата да се снима во текот на денот или да се реализира во живо во вечерен термин, а конечната одлука за датумот ќе се донесе во договор со кабинетите на двајцата кандидати за претседател. Од тимот на Гордана Силјановска-Давкова, следниот ден, 27 април, известија дека го прифаќаат 2 мај – четврток како термин за дуел со можност за снимање во попладневен термин. Од тимот на Пендаровски немаше одговор до вчера, 1 мај.. Јавниот сервис испрати порака до тимот на Пендаровски да се изјаснат за дуелот, а во одговорот стоеше дека не можат да му ја организираат агендата и дека не можат да успеат.. во духот на професионалноста, јавниот сервис понуди и одделни интервјуа за двајцата кандидати, но од тимот на Пендаровски известија дека нема простор ни за тоа иако јавниот сервис во телефонски разговор остави можност за кој било од наредните денови до изборниот молк, се вели во соопштението од МТВ.
Од македонската телевизија ги отфрлаат информациите од кабинетот на Пендаровски дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел на МТВ.