Претседателот на Синдикатот на УМТ Авни Авдиу во изјава за МИА посочи дека протестот се одржува заедно и во исто време со уште четири државни универзитети со цел да го изразат својот став и негодување дека се игнорирани и дискриминирани од страна на Собранието и на Владата откако колективен договор е потпишан само со Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје.
-Го поздравуваме спроведувањето на колективниот договор со УКИМ, но на надлежните им порачуваме дека истовремено спроведуваат двојни стандарди, дискриминација и нееднаквост бидејќи останатите пет јавни универзитет го уживаат истиот статус, реализираат иста општествена дејност со иста одговорност, а со непотпишување на колективниот договор неправедно се ставени настрана од државата. Здружени и обединети синдикатите со овој протест порачуваме дека настапуваме обединети, без никаква политичка боја, организирани за враќање на достоинството, интегритетот и правдата, вели Авдиу.
Тој нагласува дека доколку не биде потпишан колективниот договор ќе преземат други мерки како што е протест пред Собранието, бојкот на наставата. Мерките ќе бидат донесени во координација со останатите четири универзитети.