Свет Меморандум

Белгија, Италија, Романија и САД ќе развиваат мали модуларни нуклеарни реактори

СЦК-ЦЕН соопшти дека се очекува првиот белгиски модел на мал модуларен реактор да биде завршен меѓу 2035 и 2040 година. 

Белгија, Италија, Романија и САД ќе развиваат мали модуларни нуклеарни реактори

Пет истражувачки центри и компании од Белгија, Италија, Романија и САД во Брисел потпишаа Меморандум за разбирање за развој на мали модуларни нуклеарни реактори.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, согласно Меморандумот, Белгискиот центар за нуклеарни истражувања (СЦК-ЦЕН), романскиот Директорат за автономна технологија за нуклеарна енергија (РАТЕН), италијанската Национална агенција за нови технологии, енергија и одржлив економски развој (ЕНЕА) и компаниите „Ансалдо Нуклеаре“ од Италија и „Вестингхаус Електрик Компани“ од САД, ќе формираат конзорциум кој ќе работи на развој на мали модуларни реактори со ладење со олово.

Договорот беше потпишан во присуство на белгискиот премиер Александер Де Кро, романскиот претседател Клаус Јоханис и претставници на италијанската и американската амбасада во Белгија.

– Белгија се здружува со САД, Романија и Италија за да ги донесе на пазарот малите модуларни реактори кои ќе обезбедат чиста и евтина енергија. Сега е време да ја преземеме водечката улога во борбата против глобалното затоплување, објави Де Кро на платформата Икс по потишувањето на Меморандумот.

Владата на Де Кро минатата година за развојот на ова истражување на СЦК-ЦЕН му додели 100 милиони евра.

СЦК-ЦЕН соопшти дека се очекува првиот белгиски модел на мал модуларен реактор да биде завршен меѓу 2035 и 2040 година.

– Предистражувањата засновани на развојните програми за нуклеарни технологии базирани на олово што беа спроведени од неколку водечки субјекти во текот на изминатите години се покажаа како успешни. Пет од овие субјекти се здружија во овој амбициозен проект, се додава во соопштението на СВК-ЦЕН.

Според Центарот, реакторите со ладење со олово се значително многу побезбедни и „нудат предност за поефикасно користење на нуклеарното гориво и за намалување на трајноста на радиоактивниот отпад“.   (МИА)

Најнови вести од Свет

To top