Додека целата македонска јавност е сведок на модернизацијата во одбраната, а буџетот во овој сектор го достигна историскиот максимум, се чини дека само на поединци не им одговара оваареалност.
Пред неколку дена министерот за одбрана Владо Мисајловски направи увид во тековните градежни активности во касарната „Јане Сандански“ во Штип, кои се реализираат со цел подобрување на условите за припадниците на Армијата.
Проектот опфаќа сеопфатна реконструкција на објектот, со активности насочени кон подобрување на функционалноста, безбедноста и енергетската ефикасност. За оваа година се опфатени над 17 проекти, кои се однесуваат на градежни активности низ сите касарни и објекти во рамки на Армијата и Министерството.
Во вчерашното гостување на „За или против“ на Алфа министерот Мисајловски најави огромен број проекти за подобрување на условите и капацитетите на одбраната.
„Оваа година ќе влеземе во една фаза на преговарање со повеќе држави и пред се’ со нашиот стартешки партнер за многу нова опрема, која што пред се ќе биде за противвоздушната одбрана, тоа се милиони евра кои ќе мора да се вложат и сето ова ќе биде во една транспарентна постапка. Мораме да вложуваме, особено гледајќи го ова што се случува на Блискиот Исток и другите жаришта, Украина не смее да се заборави, каде постојано се војува и ние да гледам што повеќе да се организираме, затоа што гледате и самите дека наративите и од Балканот се такви какви што се. Но ние да си вложуваме кај нас, да градиме пријателства, да бидеме спокојни и цврсти како Влада, да бидеме стабилни, тоа е многу важно да имаме стабилен амбиент, стабилна политичка гарнитура за многу години од сега, да го гледаме тоа како еден добар показател за вложување дополнително, се разбира во една мирна состојба“, потенцира министерот Мисајловски.
Ова очигледно му пречеше на претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски. Тој излезе со обвинувања дека министерот прави ПР додека војниците престојуваат во нереновирани објекти. Зошто на ова лице му беше важно да излезе со низа неосновани обвинувања? Затоа што се соочува со обелоденување на неговото незаконско работење!
Имено, како што дознава КУРИР, против Александар Насковски се поднесени неколку кривични пријави. Една од овие кривични пријави, кои може да докаже сериозна вмешаност во кривични дела и незаконско стекнување со материјална корист, ја има поднесено токму министерството за одбрана, преку овластено лице лично министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Кривичната пријава против Насковски е поднесена за неколку кривични дела и тоа: измама, фалсификување на исправа и употреба на исправа со невистинита содржина, како и неовластено користење и злоупотреба на лични податоци.
Како што дознава КУРИР, кривичната пријава е поднесена „затоа што постои основано сомнение дека Александар Насковски во временскиот период од април до ноември 2023-та година прибавил значителна материјална корист во вкупен износ од 551.500,00 денари на штета на Министерството за одбрана, со однапред создаден план, со директна умисла и со јасна намера за стекнување ваква противправна имотна корист, при што извршил повеќе противправни дејствија“.
Се наведува во кривичната пријава дека ова лице невистинито го известило министерството дека е направена промена во жиро сметка и побарал средствата по основ на членарина да се исплаќаат на таа сметка.
Како што е наведено, пријавениот без согласност од членството и без прибавување пристапници, спротивно на закон, формирал нов синдикален огранок во рамки на друг синдикат, со ист назив како претходниот.
Како што дознава КУРИР, оваа кривична пријава не е единствената со која се соочува Насковски. Против него се поднесени кривични пријави и од име на други синдикати.
Од тука станува јасно зошто на Насковски му е важно да критикува за време на најголеми инвестиции.
Реакција на Министерството за одбрана на написите за несоодветни услови во Армијата и обвинувањата пренесени преку социјалните мрежи
Министерството за одбрана е целосно транспарентно со јавноста за комплетната состојба во одбраната и во Армијата и за тоа секогаш информираме со факти на активности на кои се повикани сите медиуми без исклучок. Не станува збор за ПР кампања, туку за информирање на јавноста и граѓаните чии пари се инвестираат во одбраната. Затоа нè зачудува фактот со каква леснотија Александар Насковски упатува навредливи зборови кон претставниците на медиумите кои се одзиваат на поканите.
Инфраструктурата во дел од армиските касарни не е на највисоко ниво, и за тоа сме целосно свесни. Еден неоспорен факт е дека постојат армиски објекти во кои не се инвестирало не 35, туку и повеќе од 50 години. Реалноста е дека Министерството за одбрана предводено од министерот Владо Мисајловски вложува досега рекордни средства во реконструкција на објекти кои половина век биле оставени на забот на времето.
Согласно приоритетите кои произлегуваат од Армијата во континуитет се работи на подобрување на објектите, на извршување на градежни активности и во другите касарни кои опфаќаат изработка на: проектно техничка документација, изградба, поправки, реновирање и реконструкции, оспособување, адаптации на објекти, како за сместување, работа, така и објекти наменети за чување и одржување на опремата која се набавува. Се работи за активности од аспект на енергетска ефикасност на објектите, комплетна замена на водоводната и електрична мрежа, грејните тела, кровната конструкција, системи за противпожарна заштита и се она што е потребно објектите да бидат функционални и безбедни, се со една цел, да им овозможиме на нашите припадници услови за работа како што би доликувало за една Армија. И за сето тоа што е запоставено со години наназад, се вложуваат максимални напори оваа состојба да се промени на подобро.
За оваа 2026 и 2027 година се предвидени околу 12 милиони евра за реализација токму на овој вид градежни зафати низ сите касарни.
Сето ова се реални, фактички податоци за степенот на инвестиции во инфраструктурата на одбраната и Армијата.
Но, иако овој факт добро е познат и на изворот на информацијата (Независниот синдикат на професионални војници СО), се пласираат нецелосни информации со кои се извртува сликата за тоа колку Министерството и министерот се посветени на развојот на инфраструктурата во одбраната и Армијата.
За кредибилитет на личноста која го пласира сето ова говори и фактот дека за истото лице до надлежните институции од страна на Министерството за одбрана е поднесени се кривични пријави за сторени повеќе кривични дела, се наведува во реакцијата.