Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција обвини дека за време на владеењето на СДСМ, предводено од Зоран Заев и Венко Филипче, државата била доведена во позиција на „хибриден режим“ и се негувале односи со лица поврзани со криминал и со кругови блиски до Русија и Белорусија.
Лефков изјави дека во периодот на владеење на СДСМ биле доделувани македонски пасоши и државјанства на, како што рече, „белосветски криминалци“, посочувајќи го рускиот бизнисмен Олександр Онишченко. Според него, Онишченко избегал од Украина поради обвиненија за перење пари и корупција, а македонските власти во тоа време му доделиле државјанство.
Пратеникот исто така го спомена и Борче Марковски, почесен конзул на Белорусија, за кого рече дека добивал милионски тендери од институции додека на власт бил СДСМ. Лефков тврди дека Марковски денес се соочува со судски процес.
„Сличностите меѓу Марковски и Онишченко водат до заклучок дека во времето на СДСМ, Заев и Филипче се негувале односи со луѓе поврзани со кругови блиски до Владимир Путин и Александар Лукашенко, за кои постојат основани сомнежи за коруптивни шеми“, изјави Лефков.
Тој оцени дека ваквата политика треба да остане во минатото и повика на одговорност за, како што рече, „националните предавства“.