Регион

Протест на таксистите во центарот на Атина во рамките на тридневниот штрајк

Со цел уште еднаш да ги истакнат нивните барања, со акцентот на барањето за пролонгирање на законската обврска сите такси возила во Атина и Солун постепено да се заменат со целосно електрични, такси возачите денеска одржаа протест во грчката метропола во рамките на тридневниот штрајк што започна во вторникот, јави дописничката на МИА од Атина.

Протест на таксистите во центарот на Атина во рамките на тридневниот штрајк

Со цел уште еднаш да ги истакнат нивните барања, со акцентот на барањето за пролонгирање на законската обврска сите такси возила во Атина и Солун постепено да се заменат со целосно електрични, такси возачите денеска одржаа протест во грчката метропола во рамките на тридневниот штрајк што започна во вторникот, јави дописничката на МИА од Атина.

Таксистите, во придружба на неколку возила. тргнаа пеш од канцелариите на нивниот синдикат, поминаа низ централните улици во Атина сè до Парламентот и плоштадот Синтагма и продолжија до нивната крајна дестинација – Премиерската палата.

Пред грчкиот Парламент онаму каде што е импровизираниот споменик во чест на жртвите од железничката несреќа кај Темпи, такси возачите со едноминутен полк им оддадоа почит на загинатите.

Пристапот до Премиерската палата беше блокиран од силно полициско обезбедување, а претставници на Синдикатот се сретнаа со претставници на грчкиот премиер.

За време на протестот, таксистите побараа оставка од заменик-министерот за транспорт Константинос Киранакис, кој е надлежен за такси превозот.

Претседателот на Синдикатот на такси возачите од областа Атика Тимиос Либеропулос посочи дека „демократија е во опасност, сè додека Киранакис е министер“ и дека е единствениот министер во современата грчка историја „кој вели: ако не ви се допаѓа законот што го подготвувам, напуштете ја професијата“

– Секој пратеник кој ќе гласа за овој закон, за нас и напите семејства е најголемиот непријател. Или нека донесат одлука да го повлечат законот или ние ќе се бориме до последна капка крв, посочи Либеропулос.

Меѓу останатите барања на таксистите се и дозволата да ја користат сообраќајната лента наменета за автобуси, решенија за нелојалната конкуренција, како и повлекување на одлуката што дозволува користење изнајмените возила со возач во туристичкиот сектор, одредби вклучени во новиот закон на Министерството за транспорт што се очекува да биде доставен во Парламентот.

Тридневниот штрајк на таксистите во Атина започна во вторникот и ќе трае до утре наутро, додека пак во цела Грција таксистите штрајкуваат 48-часа, односно вчера и денеска.

Во рамките на тридневниот штрајк, такси возачите во Атина во вторникот одржаа протест со нивните автомобили до Министерството за транспорт и инфраструктура, вчера протестот беше на атинскиот аеродром, а денеска пред Парламент и Премиерската палата.

Во период од еден месец ова е четврти штрајк на таксистите.

Во цела Грција одржаа 48-часовен штрајк на средината на јануари, во Атина беше продолжен со уште еден ден, една седмица подоцна грчката метропола повторно беше два дена без такси превоз, а слична беше ситуацијата и на почетокот на месецов кога такси возачите во Атина штрајкуваа 48, а во Солун 24 часа.

To top